Македонија дел од Филмскиот маркет во Кан

Агенцијата за филм на Република Македонија и оваа година e дел од Филмскиот маркет во склоп на 67. Кански филмски фестивал, кој се одржува во период од 14-22 мај.

Како и секоја година, и оваа Македонија има штанд во рамките на павилјонот на Југоисточна Европа бр.134 – Village International Riviera, кој се наоѓа помеѓу Фестивалската палата и Авенијата на палмите.

На маркетот Агенцијата ќе ги презентира најновите филмови од македонската кинематографија, можностите кои Агенцијата ги нуди за копродуцирање со странски држави како и презентација на Македонија како дестинација за снимање на филмови и поттикнувањата кои со новиот Закон за филмската дејност ќе бидат овозможени за домашни и странски продукциски компании кои ќе реализираат филмски, односно телевизиски проекти во Македонија.

Денеска во павилионот на Југоисточна Европа ќе се одржи и македонската забава на која се поканети голем број на професионалци од областа на филмската индустрија (селектори на фестивали, директори на филмски маркети, дистрибутери, продуценти, селс агенти) со цел запознавање на македонската кинематографија и можностите кои Република Македонија ги нуди за остварување на соработка во областа на филмот.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.