Македонија денеска против Иран, не смее да има потценување

Македонската ракометна репрезентација вечерва го игра вториот натпревар на Светското првенство во Катар.

По убедливиот старт и триумфот над Тунис од 33:25, денешен ривал на нашата репрезентација е Иран.

Во првиот натпревар од првенството Иран имаше добар старт и одлично прво полувреме кога против Босна и Херцеговина водеше со 16:12, но почетните минути од вториот дел за нив беа лоши и противникот со серија од 7:0 го презеде водството.

Најдобриот играч во македонскиот состав од првиот дуел, левото крило Дејан Манасков очекува нови два бода и приближување кон осминафиналето.

– Иран е послаб противник од Тунис. Треба да одиграме добро и да бидеме концентрирани во играта и со тоа да се освојат два нови бода. Мислам дека Босна и Херцеговина одигра лошо прво полувреме, затоа и беше таков текот на натпреварот, изјави Дејан Манасков кој беше прогласен на играч на натпреварот со Тунис со шест голови од исто толку обиди.

Почетокот на натпреварот е во 17 часот, а дуелот се игра во „Али Бин Хамад Ал Атијах Арена“ во Доха.