Македонија добива заем од 36,4 милиони евра за развојни политики за конкурентност

Македонија го добива вториот програмски заем за развојни политики за конкурентност  во висина од 36,4 милиони евра, беше нагласено денеска на 84-тата седница на Собранието, каде што беше донесен Законот за задолжување на земјава кај Меѓународната банка за обнова и развој- Светска банка.

„Со овој заем ќе се поддржат активности во четири клучни области: развој на производство со висока додадена вредност, олеснување на преструктуирањето на земјоделскиот сектор,  подобрување на ефикасноста на услугите на трговската логистика и воспоставување флексибилност на пазарот на труд, развој на вештини и иновација“, рече заменик министерот за финансии Ардиан Џеладини, кој нагласи дека целта на овој заем е дак се обезбедат средства за буџетска поддршка.

Проектот, како што нагласи тој, ќе биде усвоен од Бордот на банката на 13-ти март годинава.

Заемот ќе и’ биде доделен на Македонија со рок на отплата од 18 години, со вклучен грејс-период од пет години и каматна стапка шестмесечен ЕУРИБОР со варијабилен распон, како и подеднакви износи на отплата кои ќе се плаќаат двапати во годината, почнувајќи од 15-ти март 2019 година, заклучно со 15-ти септември 2031 година.  Еднократната провизија е 0,25 отсто од износот на заемот.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.