Македонија – главна точка на состанокот на ЕУ во понеделник

Луксембург од утре претседава со ЕУ
Ситуацијата во Република Македонија и се што се случува во земјата ќе биде главна тема на дискусија на Советот за надворешни работи (ФАК) на Европската унија, што во понеделник ќе се одржи во Луксембург, јавува МИА.
Според програмата што денеска ја објави летонското претседателство со Советот на ЕУ, министрите за надворешни работи на земјите-членки на Унијата, како централна точка на понеделничкиот состанок ја имаат политичката ситуација во Република Македонија.
            
Според агендата, шефовите на дипломатиите на ЕУ-земјите, за нашата земја ќе разговараат со високата претставничка за надворешна и безбедносна политика, Федерика Могерини, после пладневниот состанок со генералниот секретар на Обединетите нации, Бан Ки-мун и работниот ручек со него. Заклучоците што ќе ги донесе Советот на ЕУ, идниот четврток и петок ќе бидат усвоени од страна на шефовите на државите и владите на ЕУ-земјите на Самитот на Европскиот совет.
Македонија - главна точка на дневен ред на советот на ЕУ
Македонија – главна точка на дневен ред на советот на ЕУ
– Во април годинава, Советот изрази ’сериозна загриженост во врска со влошувањето на ситуацијата во земјата, особено во областа на владеењето на правото, основните права и слободата на медиумите’. Тој ги повика сите страни да преземат одговорност и да преземат итни мерки насочени кон обезбедување на одржливо решение и конструктивно да се вклучат да го рестартираат политичкиот дијалог и да ја вратат довербата во институциите, се наведува во најавата за дебатата за Македонија што ќе ја имаат министрите за надворешни работи на земјите-членки на Унијата во понеделник.
Исто така, во најавата за дискусијата за македонската држава, се посочува дека Јоханес Хан, комесар за европска соседска политика и преговори за проширување го посети Скопје на 2 јуни и се состана со водачите на главните политички партии во насока на изнаоѓање решение за тековната политичка криза во земјата.
– Договор беше постигнат за голем број прашања, вклучително и за посветеноста кон реформите. Разговорите продолжија во Брисел на 10-ти јуни, но се уште не е постигнат конечен договор. ЕУ продолжува да ги повикува сите страни, во интерес на својата земја и нејзините граѓани, да се најде траен политички компромис без одложување и да се излезе со конкретни предлози за оваа цел, врз основа на договорот од 2-ри јуни. Комисијата останува подготвена да ги олесни дискусиите, посочуваат од Советот на ЕУ.