Македонија го возвраќа ударот зашто ѝ треба правда

Огромниот изборен успех во неделата на професорката Гордана Силјановска-Давкова е најдобар доказ дека државата оди во вистинска насока! Успехот на Гордана се должи на нејзината јасна порака дека на Македонија ѝ треба правда. Во една едноставна порака се собраа сите маки на народот. Се собраа сите изневерени очекувања, сиот гнев и сета разочараност. Токму тие гневните, разочараните и заборавените се тие што ја поддржаа Гордана и што ќе ѝ ја донесат победата во вториот круг. Затоа што во Македонија наместо правда има корупција, наместо правда има политички притиснат правосуден систем, наместо правда има тромава и нереферормирана јавна администрација, наместо правда има беззаконие, наместо правда има срамна промена на Уставот со цел промена на уставното име. Наместо правда има неправда!

Во овие две недели до вториот круг на 5 мај очекувам да се ослободи дополнителна енергија на надеж дека може да има правда! Многумина што се разочарани и мислат дека ништо не може да се промени и кои во својата разочараност мислеа дека Гордана Силјановска-Давкова не може да победи затоа што на другата страна има вештачка коалиција, каде што првпат во историја на државава три албански партии, од кои една најголемата – ДУИ, решија да немаат свој кандидат за претседател и од старт да го поддржат кандидатот на СДСМ. Токму тие во неделата видоа дека Гордана може да победи и ќе победи со нивните гласови во вториот круг. Во неделата беа поразени СДСМ, ДУИ, ДПА и останатите на купче. Не нивните поддржувачи или симпатизери, туку нивните водства, од кои народот е незадоволен. Една огромна маса луѓе која е разочарана од власта на Заев останувајќи дома реши да го казни, истата таа маса на луѓе на 5 мај ќе ја поддржи Силјановска-Давкова со цел да се дојде правдата во Македонија!

Во секое село во секој град надежта е вратена, Гордана може да победи и покрај вештачките коалиции затоа што таа ја има коалицијата со народот, а тоа е најсилната коалиција. Секој ја има одлуката во свои раце дали сака да продолжат Заев и неговиот неспособен тим да ја уништуваат и обезличуваат Македонија, да ја ограбуваат и обезименуваат или сака да ѝ даде шанса на Гордана да се бори транзицијата да заврши, фигурите од транзиционото минато да заминат и да се изградат конечно новите институции врз демократски основи, да се бори за македонското име, да се бори за сузбивање на корупцијата, за редовни и повисоки пензии, за достоинство на земјоделците, за пониски даноци за фриленсерите и ИТ-индустријата, за пониски даноци за малите и средни претпријатија, за поддршка во странство за нивниот извоз и наоѓање нови пазари, да се бори за младите да ја видат својата иднина овде, докторите да се задоволни и да не заминуваат, текстилните работнички да ги добија своите порава, да се бори за правда за сите!

Она што особено радува после изборите во неделата е дека Гордана Силјановска-Давкова доби огромна поддршка кај Македонците. Соодносот е далеку напред во корист на Гордана! Но, исто така, доби мнозинска поддршка и кај помалите етнички заедници – Турци, Роми, Срби, Власи, Бошњаци, Египќани и сите останати. Тоа е многу значајно. Многу. Покажуваат дека правдата ја нема и за нив иако Заев им кажува слатки лаги изминативе години. И тие се разочарани од корупцијата, непотизмот, економската пропаст, лошата перспектива за младите, кратењето и доцнењето на пензиите, уништеното земјоделство, запрените странски инвестиции, разочарани се од неспособноста на Заев и на оваа влада.

Мора да се истакне и одличниот резултат на професорот Блерим Река и да му се честита. Албанците во Македонија покажаа дека сакаат промена. Дека се незадоволни од оваа власт на Заев која не донесе правда ни за Албанците и сакаат да си оди. Гордана Силјановска-Давкова ќе биде и нивен претседател, затоа што маките на сите граѓани се исти. А ќе се решат полесно ако оваа власт падне. Во овие денови ќе допре до нив, ќе разговара и ќе им се претстави, за да им покаже дека СДСМ во паника води црна кампања за неа, која нема никаква вистина и основа. Ќе им покаже дека правдата ќе ја донесе за сите.

До 5 мај следува период на интензиви средби во секое село и секој град, со секој човек Македонец, Албанец, Турчин, Влав, Ром, Србин, Бошњак, со секој што сака да ја слушне Гордана и да ја прими нејзината порака.

Македонија во овие речиси две години е обесчестена и понижена, народот е обесчестен и понижен и затоа го возвраќа ударот кој му го нанесоа нечесните и капитулантски политики на Заев. Правда за Македонија и дома и надвор е можна.

Победата на Гордана Силјановска-Давкова е вовед и во пад на оваа Влада и организирање на предвремени избори! Избори на кои Заев и неговата Влада треба да си заминат. Да го направиме првиот чекор на 5 мај. Да не го чекаме крајот на јуни кога цела Европа ќе му каже на Заев дека не го бива дека е неспособен и мора да си оди. За жал, за Македонија во јуни нема да има датум за почеток на преговори со ЕУ. Втора година по ред. Затоа што во Македонија нема правда и лошо се живее. Не вреди ништо капитулантската промена на името. Напротив, се поставува прашањето зашто Заев ја направи? Можеби за материјални привилегии. Затоа, да не го губиме времето да спасиме оваа година тоа што може да се спаси. А, претседателот Гордана Силјановска-Давкова и владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ до Нова година може да испорачаат реформи и правда за да го фатиме декемврискиот воз и да почнеме преговори со ЕУ. Да се одлепиме од балканското мочуриште! Да тргнеме напред. Затоа, на 5 мај масовно во најголем број референдумски да излеземе и да ја подржиме Гордана да стане првата жена претседател која ќе ја врати правдата во Македонија. Да го возвратиме ударот!

Автор: Александар Николоски за „Независен Весник“

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.