Македонија и Босна со размена на искуства до унапредување на здравствениот систем

Финансирањето на здравствените услуги во примарната здравствена заштита, електронскиот систем на интегрирано здравство и е-услугите на ФЗОМ, решенијата и новините кои ги воведува Фондот за здравствено осигрување на Македонија, како и предизвиците за подигнување на квалитетот на здравствените услуги, добрата пракса и успешните проекти беа тема на еднодневната официјална посета на делегацијата од Заводот за здравствено осигурување на Херцеговачко-неретванскиот кантон од Босна и Херцеговина.

Посетата на Фондот за здравство е на иницијатива на босанската делегација, која поттикната од постигнатите резултати во здравствените реформи, презентирани на VII Регионален форум на фондови за здравствено осигурување од регионот, што се одржа во Бања Лука, реши дека е исклучително корисно да види како реформите се реализираат во практиката.

Директорката на ФЗОМ, Маја Парнарџиева-Змејкова ја запозна делегацијата со структурата и работата на ФЗОМ, како и со функционирањето на македонскиот здравствен систем во целост.

„Добрата пракса и успешните реализирани проекти на ФЗОМ, како и на македонскиот здравствен систем, како што се, електронската здравствена картичка, е-рецептот, проектот мој термин, претставуваат големо олеснување за осигурениците, кои сега многу поквалитетно и побрзо ги остваруваат своите права“, рече Парнаџиева-Змејкова.

Раде Бошњак, директор на Заводот за здравствено осигурување на Херцеговачко-неретванскиот кантон од Босна и Херцеговина нагласи дека македонските искуства и пракса се исклучително интересни и корисни за Заводот за здравствено осигурување на Херцеговачко-неретванскиот кантон од Босна и Херцеговина и дека посетата на босанската делегација е во насока на преземање на овие искуства и нивна примена во Босна и Херцеговина.

Бошњак, истовремено ја информираше директорката за новините и проектите што ги преземаат во Босна и Херцеговина и укажа дека е неопходно да се разменат и негативните искуства, за да може да се спречат проекти кои имаат слаба шанса за успех.

На крајот на средбата беше договорено соработката да продолжи и понатаму со размена на информации и искуства што ќе придонесат за понатамошно унапредување на здравствениот систем.