Македонија и дефинитивно останува без Мекејлеб – Хендрикс ќе биде “странецот” во нашиот тим

Крилниот центар на рускиот евролигаш Локомотив Кубан, Ричард Хендрикс, ќе биде натурализираниот кошаркар во репрезентацијата на Македонија на претстојното Европско првенство (ЕП), што, пак, значи и дефинитивен крај на надежите за камбек во националниот тим на некогашниот херој Лестер Бо Мекејлеб, дознава “Спортмедиа” од извори блиски до “жолто-црвениот” состав.

Двајцата Американци се најдоа на поширокиот список на селекторот Александар Џикиќ и редовно беа во контакт со новиот спортски директор на Македонската кошаркарска федерација (МКФ), Заре Марковски. Но, неодамнешното официјално откажување на Ѓорѓи Чековски од репрезентацијата и најавите од Перо Антиќ дека нема намера да игра на континенталниот собир, направија предводникот на националниот тим да има поголема потреба од високиот Хендрикс отколку од плејмејкерот Мекејлеб. Најавите се дека Владо Илиевски ќе игра на Евробаскетот, поради што во стручниот штаб на жолто-црвените процениле дека единствената можност за странско засилување да се искористи со кошаркар кој игра под кошевите.

Според информациите на “Спортмедиа”, Хендрикс нема да се појави на стартот од подготовките, кои се закажани за 25 јули во Скопје, туку на своите репрезентативни колеги ќе им се приклучи на вечерниот тренинг на 30 јули. Крилниот центар на Локомотив лани беше дел од репрезентацијата и имаше значителен удел во успешното минување на квалификацискиот циклус за ЕП 2015. Американецот досега одигра шест официјални средби во дресот на Македонија со дабл-дабл просек од 11,2 поени и 10,7 скока.

Жолто-црвените на претстојното ЕП се во групата Ц која се игра во Загреб, а во која уште се Хрватска, Словенија, Грција, Холандија и Грузија. Првиот круг го почнуваме на 5 септември против јужниот сосед, а ја завршуваме на 10 септември против словенечкиот најдобра состав. Пласман во следната фаза, која според нокаут-систем ќе се игра во францускиот град Лил, ќе обезбедат четирите најдобри селекции од секоја група.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.