Македонија и Србија ќе го отворат разигрувањето за пласман од 9-то до 16-то место на ЕП во Валенсија

Македонските ракометарки до 19 години ќе разигруваат за пласман од 9-то до 16-то место

Ова ќе биде нов предизвик за младите ракометарки кои со една победа, реми и пораз веќе оставија белег на ова ЕП. Избраничките на селекторот Симе Симевски со својата борбеност и пожртвуваност веќе ги осовоија срцата на ракометните фанови, а токму нашата ракометарка Сара Ристовска во моментов ја предводи и голгетерската листа на ова натпреварување со 22 постигнати гола.

Се надевам ќе имаме уште добри натпревари на ова ЕП. Само да одиграме онака како што се договараме, мирно без брзање во нападот. Корегиравме некои ситници во играта, но генерално ја играме нашата игра. Има добар потенцијал во оваа репрезентација треба само време, работа и трпение, вели селекторот Симе Симевски.

Нашите млади ракометарки покажаа дека можат да се носат и со најдобрите
Нашите млади ракометарки покажаа дека можат да се носат и со најдобрите

Македонија и Србија одиграа два контролни натпревари во подготовките пред ЕП во Валенсија. Во првиот Македонија славеше со 32:19, а вториот го доби Србија со 25:18. Србинките во првата фаза од ЕП забележаа само една победа против Хрватска (24:20) и исто како и Македонија пренесуваат два бода во оваа фаза. Но, во разигрувањето Србија ќе игра без средниот бек, Јелена Живков, која ги повреди лигаментите на коленото и предвреме го заврши настапот на ЕП.

Србија ќе игра без средниот бек, но тоа не ја менува многу нивната игра. Тие имаат многу поголем ростер од нашиот и имаат простор да го надополнат отуството на повредената ракометарка. Ова секако ќе биде балканско дерби во Валенсија. Ќе се обидеме да го задржиме нивото на играта и да ја повториме добрата игра во одбраната, истакнува Симевски.

Во разигрувањето за пласман, по дуелот со Србија, македонската репрезентација утре ќе игра против Хрватска.