Македонија има лошо судство и затвори, не сме сигурни дека Груевски имал фер судење

Македонија има лошо правосудство и очајни услови во затворите, рече шефот на кабинетот на унгарскиот премиер Виктор Орбан, Гергели Гулаш, кој одговарајќи на пратеничко прашање истакна дека за ситуацијата во македонското правосудство говорат и извештаите на Европската комисија и Советот на Европа кои редовно даваат лоши оцени.

Токму овие параметри, како што вели Гулаш, се земаат предвид во постапката за добивање азил во Унгарија.

Одговарајќи на пратеничко прашање во унгарскиот парламент како може Груевски да аплицира за азил кога влегол во Унгарија од Србија која е безбедна земја, Гулаш претходно во понеделникот кажа дека принципот на безбедна земја е важен, но според процедурата за барање азил треба да се земе предвид ситуацијата во Македонија со судскиот систем и условите во затворите, додавајќи дека не е сигурен дека Груевски добил фер судење при изрекувањето на двегодишната затворска казна.

Медиумите во регионот во вторникот веќе објавија  дека Груевски, наводно, добил азил од Унгарија.

Унгарски медиуми јавуваат дека тамошните власти веќе донеле одлука за барањето за азил на поранешниот македонски премиер Никола Груевски, но не кажуваат дали одговорот е позитивен или негативен. Сепак, процената на сите е дека на барањето било позитивно одговорено.

Медиумите јавуваат дека со оглед на брзината со која е одлучено, на барањето за азил на Груевски повеќе од сигурно е дека било е одобрено барањето за азил врз основа на барањето кое го поднел во амбасадата на оваа европска земја во Тирана.

Од Министерството за правда денеска информираа дека барањето за екстрадиција на Груевски е подготвено и може да се очекува денеска да биде испратено до унгарските власти без разлика на тоа каква ќе биде одлуката на унгарските власти за азил.