Македонија има потенцијал за бањски и спа туризам

Македонија има над 65 извори на термални води, но наместо за бањски лекувалишта и спа центри водите се користат за загревање оранжерии и други видови производство.

Државниот секретар во Министерството за економија, Зоран Павловски изјави дека имаме одлични услови за бањски и спа туризам, посакувана дестинација сме, а Нејшнл Џеографик (National Geographic) не рангира на 26 место за алтернативен туризам.

Во моментов имаме осум до десет класични бањи, но заложбата е изворите со термални води полека да се отвораат и да се ставаат во функција на туризмот. Се повеќе луѓе обрнуваат внимание на своето здравје, а ние имаме голем потенцијал за алтернативен туризам, истакна Павловски по денешната трета Македонска туристичка берза.

Според него, Македонија секоја година бележи зголемување на бројот на туристи и очекувањата се да ја надминеме бројката од 1,2 милиона што ќе значи зголемување на приходот во Буџетот.

Оценка на Васил Сулев од Националната асоцијација за дојдовен туризам е дека Македонија догодина може да достигне раст од 20 отсто и да ги надмине сегашните 16 отсто.

Преку Македонската туристичка берза која овозможува средби на туристичките работници и агенции, минатата година се реализирани еден милион евра, а од сегашните бизнис конекции се прогнозираат вкупно 1,5 милиони.