Македонија ја покажа силата пред решавачкиот дуел со Чешка

Ракометната репрезентација на Македонија имаше одлична увертира пред решавачкиот дуел со Чешка во Скопје, откако синоќа славеше во Сент Гален против Швајцарија.

Нашите ракометари славеа со убедливи 17:26, а победата во ниту еден момент од натпреварот не беше доведена во прашање, бидејќи Македонија водеше од самиот почеток на натпреварот.

Избраниците на Ивица Обрван играа без помошта на Наумче Мојсовски, а Кире Лазаров влегуваше во игра само при изведувањето на пенали. Сепак, оние кои беа на теренот се покажаа во одлично светло, што може да го радува селекторот во пресрет на дуелот со Чешка, кој ќе одлучи која од селекциите, покрај Франција, ќе биде патник на Европското првенство во Полска следната година.

Иако не играше активно, благодарение на петте реализирани пенали капитенот Кире Лазаров беше најефикасен во нашиот состав, од кој уште се истакнаа и Стоилов и Митков со 4, како и Миркуловски со 3 постигнати гола.