Македонија квалификациите ги заврши со триумф над Лихтенштајн

Фудбалската селекција на Македонија во понеделникот вечерта во Струмица со убедлива игра и 4:0 славеше над селекцијата на Лихтенштајн во последното десетто коло од квалификацискиот циклус за Светското првенство кое следната година ќе се игра во Русија.

Играчите коишто за овој меч ги одбра селекторот Игор Ангеловски на теренот ја оправдаа фаворитската улога. Иницијативата македонските фудбалери ја преземаа од почетокот на натпреварот, но изостануваше последниот потег за создавање шанса и нејзина реализација. Тоа беше коригирано во 36 минута кога Муслиу го искористи од втор план нафрлањето од Алиовски. Веќе по две минути по асистенцијата на Пандев, Трајковски го удвои водството.

За одбележување од овој меч е 63-та минута кога во игра влезе Арија Адеми, кој две години беше под суспензија откако не го мина допинг тестот на натрпеварот на неговиот Динамо Загреб против Арсенал.

Веќе во 66 минута по одличната асистенција на Трајковски до Барди вториот со волеј ја погоди противничката мрежа за 3:0.

Две минути подоцна соло акција изведе штотуку влезениот Адеми кој измами неколку противнички играчи и постигна гол за конечните 4:0.

До крајот на мечот Македонија имаше уште неколку шанси но резултатот остана непроменет.

Македонија ги заврши квалификациите на петтото место со гол разлика од 15:15, но за одбележување од овој циклус е што играта и залагањето на репрезентативците даваат оптимизам за иднината на македонскиот фудбал.