Македонија може да користи лондонско искуство за подобрување на квалитетот на воздухот

На денешната седница на Владата при разгледувањето на состојбата со зголемената концентрација на честички во воздухот, бил усвоен и предлог кој значи можност за преземање на современи светски практики и искуства во менаџирањето на вакви специфични состојби со кои како предизвик покрај македонските се соочуваат и голем број на европски и светски градови.

Конкретно се работи за разгледување и работа на можноста да се преземе еден метод кој го применува Лондон, главниот град на Велика Британија во случаи кога се соочува со состојби кои се слични на домашните деновиве.

Станува збор за апликација на калциум магнезиум ацетат на асфалтните површини со цел лепење на честичките од загадувањето од воздухот на асфалтот и оневозможување истите повторно да циркулираат во воздухот. На тој начин, залепени на асфалтот овие честички и контаминации не можат да дојдат во допир со дишните патишта на човекот, па затоа овој метод претставува едно значајно решение во менаџирање на состојбите. Инаку, самата супстанција е со еколошки карактеристики, таа не е токсична и не предизвикува корозија и некогаш широко се применува како средство против замрзнување на коловозите.

Апликацијата би се вршела редовно двапати дневно со посебно приспособени камиони, и по потреба во периоди на пораст на загадувањето. Со тоа се очекува значајно намалување на правот во воздухот. Искуствата од примена во Лондон и останати европски градови, како и од направени научни студии, укажуваат дека со овој метод е можно намалување на загадувањето со честички и до 50 отсто.

Владата му препорачала на Градот Скопје и општините да ја разгледаат оваа опција. Тие треба во периодот кој следи да ги испитаат модалитетите на приспособување на постоечките возила за чистење и можноста за нивна адаптација за оваа намена, како и да ги разработат процедурите за обезбедување на калциум магнезиум ацетат.

Во Владата велат дека остварувањето на оваа препорака, во која постои можност и Владата заеднички со општините да партиципира, би придонела за добивање на ново средство во менаџирање на состојбите. Проценките велат дека иако овој метод не би можел да се воспостави во краткиот период од неколку денови, сепак тој е реален за остварување на среден рок и може да послужи како корисно средство во следни вакви специфични случаи.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.