Македонија наскоро добива национален превозник

Македонија добива национален авиопревозник, одлучила Владата на синоќешната седница.

„Кога Република Македонија има модерни аеродроми, кога минатата година се постигна бројот од милион превезени патници, одлучивме да започнеме процедура пред се да го испитаме интересот на меѓународните светски познати компании да воспостават база во Македонија“, рече во интервју за првиот Дневник на МРТ, министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески.

Во соработка со консултант кој ќе ја води оваа постапка, прв чекор ќе биде истражувањето на пазарот и испитување на интересот на светски познатите компании да воспостават база во Македонија.

„Потребно е заедно со Владата да ги ставиме на хартија сите оние услови кои може Владата да ги понуди, како на пример субвенционирање. Кога оваа анализа ќе биде целосно направена, предвидено е да се направат неколку роуд шоуа, каде тој пакет ќе може да им се понуди на светски познатите авиокомпании“, објаснува во интервјуто за МРТ министерот Јанакиески.