Македонија очекува поддршка од Бугарија на патот кон ЕУ

Мнозинството македонски граѓани очекуваат Бугарија да ја поддржи Македонија во натамошните интеграции во Европската унија, покажува истражувањето „Глобално водство, соседство и односи со Бугарија“ што го спроведува Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и Институтот за демократија (ИДСЦС).

Во истражувањето кое треба да послужи за информирана јавна дебата за предизвиците на Македонија во натамошните евроатлантски интеграции, 87,5 отсто од анкетираните Македонци очекуваат Бугарија да ја подржи земјава во евроинтеграциите.

Најголема пречка за поинтензивна соработка меѓу Македонија и Бугарија граѓаните сметаат дека е историјата – 30 отсто, а речиси 21 процент нејзиното толкување, додека 12 отсто сметаат дека тоа се политичарите во двете земји поради нивни теснопартиски интереси.

За мнозинството граѓани или 87,5 проценти е важно да се подобрат односите и соработката меѓу Македонија и Бугарија, за што сметаат дека е потребна соработка во културата, забавата и спортот, подобрување на инфраструктурата и граничните премини и пристап до медиумите на двете држави, заеднички учебници по историја, прослава на заеднички настани и херои, а скоро секој петти граѓанин не знае или е без одговор.

Граѓаните ги сметаат како македонски повеќето личности за кои Бугарија исто така смета дека се дел од нивното историско наследство како Св. Кирил и Методиј, за кои 83,3 проценти сметаат дека се македонски, Св. Климент (87,1), Гоце Делчев (88), Јане Сандански (81,6), Јавните и информирани личности како заеднички ги перципираат Св. Кирил и Методиј (73) и Цар Самоил (47). Големо мнозинство (74,7) граѓани поддржува реципрочно решавање со договорот за добрососедство на прашањето за соодветните малцинства во Македонија и во Бугарија, покажува истражувањето.

Постигнувањето договор за добрососедство е од голема важност за граѓаните на Македонија за што се изјасниле 85,4 отсто од анкетираните. Посакуваат договор да се постигне брзо, односно за една годна, но очекуваат дека тоа ќе се случи на среден рок од две до пет години.

Испитувањето на јавното мислење е направено преку теренска анкета во периодот 15 ноември до 1 декември минатата година на репрезентативен примерок од 1.000 испитаници.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.