Македонија побара поддршка за влез во НАТО на Молитвениот појадок во САД

ФОТО: МИА

Во хотелот Хилтон во Вашингтон вчера се одржа молитвениот појадок, собир на над 3.500 политички, верски и бизнис лидери од целиот свет, на кој присуствуваа и претседателот Барак Обама со првата дама, потпретседателот Џо Бајден и државниот секретар Џон Кери, додека како главен говорник беше именуван Раџив Шах, директор на Aгенцијата за меѓународна помош УСАИД, пренесува МИА.

На големиот собир кој се одржа по 62-ри пат, претседателот Обама се заложи за правото на слободно изразување на верата, и побара ослободување на двајца американски христијански мисионери, заробени во Иран, односно Северна Кореја.

Македонија беше застапена од поранешната прва дама Вилма Трајковска, собраниска делегација предводена од потпретседателката на Собранието Сузана Салиу и поранешниот премиер Владо Бучковски. Македонските претставници продолжија со серијата средби со американски политички лидери.

„Задоволство беше да се присуствува на молитвениот појадок, каде на исто место беа собрани луѓе од повеќе од 140 земји, кои ги обединуваат љубовта, пријателството, проштевањето и надежта кон подобра иднина и мир во светот. Се сретнавме со повеќе конгресмени, а денеска имавме средба со Кендис Милер, претседателката на групата за пријателство со Македонија во Конгресот. Таа е огромен пријател на Македонија и нејзина искрена заложба, како и заложба и на сите конгресмени со кои се сретнавме е Mакедонија да биде дел од НАТО и рече дека ќе се бори со последните сили за тоа да се оствари“, изјави Силвана Бонева, координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието.

Републиканскиот конгресмен од Алабама Роберт Адерхолт, член на Комисијата за одбрана на Претставничкиот дом на САД истакна дека приемот на Македонија во НАТО е многу важен за стабилноста на регионот

„Мислам дека вашиот прием во НАТО е многу важен за стабилноста на тој регион. Македонија е навистина бисер од држава во Балканот, и имајќи можност да патувам таму неколку пати. Од гледна точка на САД знам дека многу Американци силно ја поддржуваат Македонија и сакаме да и помогнеме на секој можен начин на патот кон НАТО. Сакаме да работиме со вас и да ја видиме вашата земја посилна и односите меѓу нашите две земји да стануваат посилни“, изјави републиканскиот конгресмен од Алабама Роберт Адерхолт, член на Комисијата за одбрана на Претставничкиот дом на САД, кој се сретна со македонската делегација.

Приемот на Македонија во НАТО е тема која македонските претставници ја отвораа на своите средби, имајќи предвид дека во септември во британскиот град Њупорт ќе се одржи самитот на НАТО. Важноста од интеграциите ја истакна и потпретседателката на Собранието Сузана Салиу, во нејзината изјава по средбата со конгресменката Милер.

„Се сретнавме со Кендис Милер и дадовме на знаење дека овој застој во НАТО процесите и во приемот во Европската Унија може да влијае негативно врз меѓуетничките процеси, особено меѓу младите Македонци и Албанци. Затоа ја замоливме и понатаму да се залага за наш пристап во НАТО, и да го употреби својот интегритет за интегрирање и во Европската Унија“, изјави Салиу.

Пратеникот Владимир Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ по средбите рече дека тие биле можност да се престават македонските позиции во спорот за името, додека пратеникот Андреј Петров од Социјал-демократскиот сојуз на Македонија додаде дека македонската делегација побарала доследно почитување на пресудата на Меѓународниот суд на правдата во врска со грчкото вето на самитот во Букурешт.

Црногорската делегација во Вашингтон, предводена од спикерот на Парламентот Ранко Кривокапиќ, при посетата акцентот го стави на подготовките на самитот во Њупорт, при што Кривокапиќ го посети и Атланскиот совет на САД, водечката организација која работи на проширувањето на НАТО. Сепак, поранешниот премиер Бучковски вели дека надежите за проширување на самитот во Њупорт се мали, како за Македонија, така и за Црна Гора.

„Според информациите кои ги собираме на бројните неформални средби, се бори и Црна Гора и неизвесно е дали ќе ја добие поканата. Ние сме ставени во ситуација во која сме од самитот во Букурешт во 2008 година до денес. Чекаат да се случи чудо, да се направи нешто во наша полза. Ние се обидуваме, ги соединивме напорите на собраниската делегација, она што го правам јас, госпоѓата Вилма Трајковска, сите со своите релации, да побараме да не ја забораваат Македонија“, изјави Бучковски.

На молитвениот појадок беа присутни двајца претседатели, Бујар Нишани од Албанија и Мишел Мартели од Хаити. Цел на собирот е да ја покаже моќта на помирувањето, па така претставници на Републиканската и Демократската партија заеднички ко-претседаваа со појадокот, а во исто време српскиот премиер Ивица Дачиќ и косовскиот министер за надворешни работи Енвер Хоџај беа седнати на иста маса.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.