Македонија поразена од Аргентина на почетокот на СП

Македонската ракометна репрезентација до 19 години неславно го почна Светското првенство, кое се одржува во Скопје, иаковажеше за фаворит пред почетокот и со сигурно водство за време на натпреварот, успеа да загуби од Аргентина.

Ќе остане запишан пораз од Аргентина во македонскиот ракомет и тоа многу болен, ако се знае дека го имавме натпреварот некаде до 40-минута затоа што водевме со плус пет. Аргентинците се вратија, ја надоместија негативата и успеаја да слават со 23-20. По бавниот старт, кога противниците водеа, македонските ракометари се созедоа, го грабнаа кормилото на натреварот и почнаа да градат предност, која на крајот од првото полувреме изнесуваше 13-9.

До 40. минута работите се движеа по истиот курс, Македонија го контролираше мечот и ја зголемуваше предноста. Во 40. минута таа стана највисоки плус пет, 16-11, но оттука работите тргнаа удолу. Аргентинците направија серија од 5-0 и изедначија, а таа серија потоа се протегна и до нивно прво водство по долго време, 18-17. Оттука се играше гол за гол до последните минути, кога противникот подобро финишираше и ги освои двата бода.

Најдобар кај Македонија беше Костески кој имаше шест гола од шест обида, Серафимов даде четири погодока од 15 обида, додека Младеновиќ заврши со три гола. Кај Аргентина, Гарсија даде седум гола, а Аравена заврши со четири.

Утре е слободен ден, а в четврток, во истиот термин од 20.30, Македонија игра со Нигерија, која денеска загуби од Бахреин со 28-36. Во третиот меч од нашата група, Данците немаа проблеми со Јапонија и славеа со 30-23.

Фото: Вечер

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.