Македонија претпоследна во регионот според растот на вработеноста

Во извештајот на Светска банка и Виенскиот институт за трендовите на пазарот на труд во Западен Балкан се наведува дека повеќе луѓе наоѓаат работа во Албанија, Србија и Црна Гора, а потешко во Македонија.

Косово е лидер во регионот, со зголемување на вработеноста од 9,2 отсто, a Mакедонија е претпоследна со раст од само 2,7 отсто. Зад неа е само Босна и Херцеговина.

Сепак, гледано регионално, невработеноста е намалена од 18,6 отсто на 16,2 отсто, што е историски најниско во некои од земјите, се наведува уште во извештајот на Светска банка.

„Сепак и натаму забележуваме високи стапки на луѓе кои не се вработени, кои не се вклучени во образованието или во програмите за обука и потребно е да најдеме начини за нивно поврзување кон идните можности“, вели Линда ван Гедер, директор на Светската банка за Западен Балкан.

Државниот завод за статистика објави дека во Македонија речиси милион лица се работоспособни, но според Анкетата на работна сила, 213.000 седат дома без работа. Најтешко се наоѓа работа на возраст од 25 до 49 години.

Според извештајот на Светска банка, токму младите луѓе кои подолго време се без работа потешко се регрутираат на пазарот на труд. Тие, исто така, се соочуваат со разлики во платите, заработувајќи до 20 отсто помалку од оние што поскоро наоѓаат работа.