Македонија рутински до победа од 2:0 против Ерменија

Фудбалерите на Македонија со 2:0 ја совладаа Ерменија на арената „Филип Втори“ и остварија втора победа во групата 4 од Дивизијата „Д“ од Лигата на Нациите. Најдобар во победата над најдобриот конкурет во групата беше капитенот Горан Пандев, врз кого беше направен пенал и кој постигна гол.

Пред неколку дена Македонија на гости го совлада Гибралтар со идентичен резултат, а Ерменија славеше против Лихтенштајн.
Нашите репрезентативце го почнаа мечот со добра и сигурна игра што резултираше со бро водство во 13-та минута, кога Пандев на искусен начин се избори за најстрога казна која во гол ја претвори фудбалерот на Лидс, Езгјан Алиоски.
Македонија и во продолжението имаше сигурна игра, но без посериозни шанси за гол.

Ерменија возврати во второто полувреме и создаде неколку солидни шанси пред голот на Столе Димитриевски, и кога се чинеше дека е подобра селекција повторно на сцена стапи Пандев. Нововлезениот Трајковски во 59 минута успеа од десната страна да испрати топка во петерецот која Пандев знаеше како да ja искористи и да погоди за 2:0.
Ермениците не се предадоа, па најсериозната шанса ја имаа во 70 минута кога Газарјан со удар од 20 метри го погоди дирекот од голот на Македонија. Десет минути подоцна Бобан Николов можеше и третпат да ја затресе мрежата на Ерменците, но беше за малку непрецизен.

Следниот натпревар го играме повторно во Скопје против селекцијата на Лихтенштајн на 13-ти октомври.

Арена „Филип Втори“. Гледачи: 10.000. Судија: Мануел Шутенгрубер (Австрија). Стрелци: Алиоски 13’, Пандев 59’ (Македонија). Ж. Картони: Николов (Македонија), Барсегјан, Саркисов (Ерменија)

МАКЕДОНИЈА: Димитриевски, Ристовски, Муслиу, Бејтулаи, Ристевски, Спировски, Барди (74’ Николов), Елмас, Алиоски, Пандев (69’ Несторовски), Тричковски (57’ Трајковски).

ЕРМЕНИЈА: Ајрапетјан, Хамбарџумјан, Салисир, Харојан, Ишканјан, Малакјан (68’ Озбилиз), Мрчијан, Мхитарјан, Газарјан, Барсегјан (77’ Саркисов), Адамјан (46’ Пицели).