Македонија се гуши, од властите нема абер за воведување итни мерки

Скопјани, но и голем дел од жителите од градовите во внатрешноста, утринава се разбудија при енормно загадување на воздухот.

Мерните станиците повторно евидентираат огромна концентрација на ПМ-10 честички во воздухот, а изутринава најзагадено беше во скопските населби Ѓорче Петров (510 µg/m3), Карпош 2 (495 µg/m3) и Црниче (473 µg/m3).

 

Веќе стана секојдневие картата на Македонија да ја гледаме обоена во црвено за загадувањето на воздухот, а властите најавија дека ќе воведуваат итни мерки доколку среднодневната концентрација на ПМ10 честичките во текот на два последователни дена е над 200 микрограми измерени на најмалку две мерни станици. Иако се забележува дека воздухот е загаден и повеќе од два дена, веројатно властите чекаат дождот, кој метеоролозите го најавија за денеска, да го исчисти воздухот.

Со итните мерки се препорачува да се ослободат од работни обврски бремените жени, лицата постари од 60 години, лица со хронична астма, лица со прележан инфракт или мозочен удар без разлика на возраста. Исто така, треба да се реорганизира работното време за оние кои работат на отворено од 11 до 17 часот, забрана за одржување спортски натпревари и други манифестации на отворено и обезбедување услови за зголемена активност на брзата помош, домашната помош и патронажната служба.

Сликата не е поразлична ниту во внатрешноста, а со најзагаден воздух може да се „пофалат“ Битола, Струмица и Прилеп.

Лекарите предупредуваат дека ПМ честичките се причина за сериозни болести меѓу кои и малигни заболувања и препорачуваат кога е екстремно загадено да не се излегува надвор и да не се спортува на отворено.