Македонија со победа го заврши настапот на Мундијалот во ракомет

Македонската ракометна репрезентација оствари победа против Чиле со 32-30 (16-16) во последниот меч од Светското првенство во Германија и Данска, со што го заврши Мундијалот на 15-тото место.

Македонија одигра ефикасно прво полувреме, но имаше доста пропусти во одбраната, а Манасков со два гола во финишот успеа да донесе нерешен резултат на паузата.

Во второто полувреме двете репрезентации се менуваа во водството, а клучна беше серијата на Лазаров од три гола, со која поведовме со 27-26, а по двете одбрани на Митревски, Манасков ни донесе два гола предност. До крајот се играше гол за гол за конечна победа на „жолто-црвените“.

Најефикасен во нашиот тим беше Лазаров со 9 гола, Манасков постигна 8, додека кај Чилеанците, Фојхман реализираше 9, додека Родриго Салинас реализираше седум погодоци.

Македонскиот тим го израмни пласманот од пред две години во Франција, кога исто така го заврши шампионатот на 15 место.

Капитенот на македонската ракометна репрезентација, Кире Лазаров, по победата над Чиле (32-20) изјави дека многу е подобро да завршиш со победа отколку со пораз.

– Овие натпревари се најтешки за играње, не решаваат ништо, но многу е подобро да завршиш со победа отколку со пораз и тоа против ривал како Чиле. Оваа победа ќе ни значи, без разлика на се. Добија шанси многу млади играчи, почуствуваа како е да се игра, како е кога мора да се победи, треба да им се честита, изјави Лазаров по мечот.

Капитенот додаде дека во следните неколку дена ќе се анализира настапот на репрезентацијата, но сепак треба да се поправат грешките од овој Мундијал. Тој сепак изјави дека не е разочаран од играта и дека македонскиот тим има потенцијал.

– Во текот на шампионатот со европските екипи во поголемиот дел од натпреварите бевме изедначени со шанси за победа, но денеска одигравме седми меч во 10-11 дена и треба да им се честита на сите, посебно на поискусните кои поминаа многу минути на теренот. Не можам да кажам дека сум задоволен, но не сум ни разочаран. Имаме ракометна традиција, ако се зафатиме со работа, имаме голем потенцијал во оваа репрезентација. За одреден период може да се направи селекција која ќе биде рамо до рамо со најдобрите во Европа, заврши Лазаров.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.