Македонија со значајна предност патува на реваншот во Романија

Машката ракометна репрезентација на Македонија патува со значителна предност на реваншот со селекцијата на Романија во баражот за пласман на Светското првенство 2019, откако во неделата вечерта во Скопје во СЦ „Борис Трајковски“ го совладаа противникот со 32:24.

Освен во воведот од дуелот кога Романците водеа со два гола предност, натаму во текот на натпреварот македонските ракометари ја имаа иницијативата.

Македонија со серија од осум голови во првата делница од првото полувреме се одлепи на 8:2. Романскиот селектор Чави Пасквал со тајм аут се обиде да ја прекине серијата на домашните, но Македонија замина на паузата со „плус пет“ (15:10). До крајот на мечот разликата се зголемуваше, а Македонија на реваншот во Клуж ќе замине со осум голови предност, па веќе се гледа како сигурен учесник на турнирот во јануари во заедничка организација на Данска и на Германија.

Кире Лазаров беше најефикасен на средбата со осум гола, два повеќе од Дејан Манасков. Стојанче Стоилов додаде три, а голем удел во убедливиот триумф имаше голманот Борко Ристовски со своите 15 интервенции. Прв стрелец во поразената репрезентација беше Дан Емил Ракотеа со пет погодоци, еден повеќе од Валентин Маријан Јонеа.

Бараж за СП 2019

Резултати од првите мечеви:

Македонија – Романија 32:24

Србија – Португалија 28:21

Белорусија – Австрија 28:28

Литванија – Исланд 27:27

Словенија – Унгарија 24:29

Хрватска – Црна Гора 32:19

Норвешка – Швајцарија 32:26

Холандија – Шведска 25:24

Литванија – Чешка 27:26