Македонија, Швајцарија на Балканите!!! Дали?

Прелистувајќи ги насловите во дневниот печат еден посебно интригира: а тоа е дека Заев тргнува во конечното редефинирање и федерализација на Македонија? Би додал или кантонизација.

Според способноста да испорачува, може да се каже дека очигледно е на добар пат. Сепак, да не заборавиме дека процесот започна со Охридскиот договор и очигледно се одвива во фази. Со тоа што искрено незнам дали кантонизацијата или федерализацијата на државата е заокружување на тој процес, или само меѓуфаза во нејзината дезинтеграција.

Кантонизацијата или федерализацијата на поранешната држава Република Македонија не е нова идеја и повеќе или помалку се одржува актуелна како конечна дестинација за барањата на етничките Албанци од независноста на државава. Инаку, идејата повторно добива на актуелност неодамна низ изјавата на Зијадин Села, како и на некој си холандски експерт за Балканот и албанското  прашање, Ханс Ван дер Берг, според кого кантонизација или федерализација на државава се дел од финалниот план на посредникот при Пржинскиот договор, Ван Хојте, кој пак смета дека федерализацијата во деведесеттите била ефикасна алатка за решавање на конфликти, и за Македонија би била позитивна зашто би креирала стабилност. Кога „експерти“ од ваков калибар заговараат вакво преуредување на државата кој сте вие да спорите, особено кога зборуваат латиница и се „докажани пријатели“ на Македонија. А, притоа се и љубители на мачки.

Кога на тоа ќе се додаде оценката на, исто така, пријателските меѓународни тинк тенкови и други невладини организации дека Македонија е пример за објективни проблеми во функционирањето на мултиетничката држава, поточно дека во процесот на воспоставување механизми за пренесување на мултиетничкото општество во државниот концепт не сме успеале зашто не сме ја смениле реалноста и концептот на етноцентризам, федерализацијата или кантонизацијата на државата се чини како спасоносен излез од ваквата реалност. Можеби „најсилен“ аргумент на заговорниците на редефинирање на македонската држава е тврдењето дека Охридскиот договор што имаше за цел да го отвори патот до посовремен пристап, кој ќе ги олесни етничките тензии и ќе и помогне Македонија да функционира на начин што ќе го одразува мултиетничкиот карактер на општеството во концептот на државата, не успеал да испорача постабилно и помалку дисфункционално општество.

Сепак, „нашите меѓународни пријатели“ кои посакувајќи ни го доброто преку редефинирање на унитарниот карактер на македонската држава не се доволно јасни за концептот на држава што го заговараат: федерација или кантонизација. Или не е битно, битно е да се акомодираат барањата на малцинската етничка заедница која смета дека постои диспропорција меѓу мултиетничката структура на популацијата во државата и изразените етноцентрични тенденции на мнозинскиот народ.

За жал многумина не ја видоа или не сакаа да ја видат опасноста и неконзистентноста на решенијата од Охридскиот договор во поглед на редефинирање на положбата на албанската етничка заедница во државата низ „креативна“ апликација на концептот на правата, територијалното рекомпонирање на државата низ децентрализацијата, до воведувањето на концептот на два официјални јазици, правејќи го порозен унитарниот карактер на нашата држава. Дали Македонија ќе го следи примерот на Белгија, која од унитарна уставна монархија во 1994 се трансформира во федерална држава со комплексна асиметрична поделба на земјата во три заедници, три регии и четири јазични области, во обид да ја помири тензијата помеѓу два основни принципи во јазичната политика: од една страна, индивидуалниот принцип заснован на правото на поединец на сопствен мајчин јазик и територијалниот принцип, според кој еден јазик е официјален јазик на специфична територија, или ќе се кантонизира по примерот на Швајцарија? И едниот и другиот модел се нуди како компромис меѓу етничкиот национализам, и асимилационистичката централизација од доминантната етничка група во мултиетничка држава. Очигледно втората опција е посакуваната од албанската етничка заедница. Според политичката артикулација на ваквото барање на Албанците во Mакедонија, државата треба да се подели на три кантони, етнички албански, македонски и етнички мешан. Според одредени политичари од албанскиот блок ова е единствен систем и формула која што ги гарантира разликите и диверзитетите во државава и европски модел низ кој ќе ги култивираат нивните вредности.

Кантонизацијата или асиметричната децентрализација долж територијално-културни линии, иако посакувана опција при идното можно политичко редефинирање на државата, не е гаранција дека ќе помогне, или ќе ја попречи потрагата по мир и стабилност во културно, јазично хетерогената држава, каква што е Македонија. Кога ги читам „нашите пријатели“ експерти од меѓународната, кантонизацијата на Македонија базирана на етничка припадност и јазик ќе стори многу за да го смири етничкиот кофликт кај нас (вешто одржуван и потхрануван од независноста на државата), отстранувајќи ја заканата во, што би рекле, „славофонските умови“ дека Албанците ја посакуваат „голема Албанија” и распрачување на Македонија. Дури и ни ја претставуваат како атрактивна среднорочна опција за справување со тековните демографски движења, бидејќи на тој начин ќе се „ограничела растечката албанска практична сила низ наталитетот“. Атрактивноста на кантоналната Македонија ќе ја зголемела и можноста за кампања за словенско-македонски кантон во северна Грција, во регионот на Флорина, каде што живее поголемиот дел од оваа заедница во Грција, можеби српски кантон на север од независно Косово, или македонски кантон во регионот Пирин на југозападна Бугарија.

Притоа, нашите „пријатели“ нема да ви кажат дека моќни, хомогени кантони можеби може да го намалат етничкиот конфликт во државата, но, според искуствата, не значи дека ќе ја унапредат интеграцијата. Швајцарското искуство со разновидноста, исто така, сугерира дека способноста на уставот да го спречи конфликтот и да го промовира разбирање и размена меѓу јазичните заедници во кантоните е ограничен. Убаво е ова да се знае ако некој мисли дека низ редефинирањето на државата по урнекот на швајцарските кантони ќе го реши проблемот на поделена држава во Македонија. Напротив, се плашам дека овој модел е среден пат за сепаратистички движења што може да доведат до нејзино распаѓање.

Сепак, морам да се согласам дека убаво ни се обландира идејата за кантонизација на Македонија, доколку би дошло до нејзино редефинирање. Па, кој не би посакал да ја види Македонија како Швајцарија на Балканите. Особено нашиот премиер, кој знае да продава убави приказни што се претворат во ноќна мора во реалноста. Затоа се плашам дека со ваков премиер и оклештена лигава дипломатија сонот за Македонија како Швајцарија на Балканите лесно може да стане стварност. Се’ зависи што ќе се побара, или веќе е побарано како исплата да се остане на власт. Зашто нема што не може да испорача нашиот премиер.

Автор: професор Звонимир Јанкуловски за НетПрес