Македонија тоне во долгови, Тевдовски ни продава розови очила

Јавниот долг на Македонија ќе се зголеми на 50 отсто од БДП до крајот на годинава алармираше Светска Банка во последниот полугодишен извештај. Министерот за финансии, пак, Драган Тевдовски на прес-конференцијата во саботата информираше дека ланската година има економски раст од околу 0,05 проценти ако се исклучат непродуктивните проекти.

На новинарско прашање зошто Владата постојано се задолжува, а нема информација каде завршуваат овие пари, Тевдовски го избегна одговорот, не кажа каде се парите ниту пак кои се клучните капитални инвестиции во земјава, освен што повторно потсети на гасоводот и на новиот клинички центар, кои пак сеуште е на ниво на проект, односно постои само на хартија.

Динамиката на претходните непродуктивни задолжувања сега не постои, се троши само на значајни капитални проекти, а јавниот долг е намален како процент на БДП, рече Тевдовски, на прашање каде завршиле парите од енормните задолжувања на земјава.

Пред околу две недели редакцијата на НетПрес достави барање до Министерството за финансии, Агенцијата за странски инвестиции, па дури и Владата, за информација кои се тие фамозни инвестиции влезени во земјата, а и што точно сработел посебниот советник за странски инвестиции Љубе Бошковски. Но, досега никаков одговор не стигна од овие институции.

Светската банка, иако најави дека ја поддржува намерата на Владата да им помогне на општините, советуваше дека е потребна посилна контрола врз локалната власт која треба да биде финансиски независна, за да не се повторуваат и во иднина непродуктивни трошоци, но сепак со ребалансот на буџетот и натаму продолжуваат непродуктивните трошоци, односно крпење финансиски дупки и долгови.

Планирано е да се префрлат околу 50 милиони евра во општините кои се заглавени во долгови. Колку пари, која општина ќе добие ќе се знае откако ќе биде донесен посебен закон, во кој ќе има и механизми за да нема натамошно трупање на долгови на општините. Но, ако има избори, ќе нема пари за општините, бидејќи ќе нема ниту ребеланс на буџетот, рече Тевдовски.

Исто така, околу 30 милиони евра се префрлаат на сметката на Фондот за пензиско осигурување, како и на Фондот за здравствено осигурување, но и во Агенцијата за вработување. Министерот Тевдовски уверува дека исплатата на пензиите не е загрозен, а парите се префрлаат наводно за да се намалат долговите.

Дополнителните средства што ги даваме во здравството, се’ со цел да се намалат обврските на јавниот здравствен сектор, доколку не биде усвоен ребаланскот нема да има намалување на овие обврски. Во однос на пензиите во секоја варијанта ќе бидат целосно и навремено исплаќани. Нема никаква дилема дека пензиите се приоритет и тие мора да бидат исплатени, изјави Тевдовски.

Според светската банка, реализацијата на капитални инвестиции од 23 отсто во првите 8 месеци е незадоволителна. Оттаму велат дека пред да се гради било што, Владата треба да направи детална анализа за исплатливоста на проектите.

 

Импликациите на зголемувачкиот јавен долг на РМ зависат од намените за кои се користат соодветните задолжувања. Ако тие се насочат кон капитални инвестиции кои ќе создаваат дополнителна вредност, со што би го зголемувале бруто домашниот производ на земјата како услов за непречено враќ ање на старите долгови, тогаш тие задолжувања би имале оправдување. Меѓутоа, ако тие или најголем дел од дополнителните задолжувања се користат за непродуктивни цели, тоа само ќе го зголемува јавниот долг на државата и ќе создава проблеми за новите генерации кои ќе треба да враќаат  непродуктивен долг. за сметка на идните развојни и други потреби на државата, вели професорот Томе Неновски за „Нетпрес“

.

Според него моменталната височина на јавниот долг не ја нарушува стабилноста на денарот бидејќи фундаменталните фактори кои ја определуваат неговата вредност и стабилност, не се сериозно нарушени.

Зголемувањето на јавниот долг би можело да се тврди дека е резултат на политичката криза ако, евентуално, се потврди дека новите задолжувања се користеле за политички, непродуктивни цели. Евентуалното дополнително задолжување при некои идни избори кое би било во функција на финансирање на непродуктивни намени за политички цели, ќе ги зголемува тежината и притисокот на јавниот долг врз јавните финансии, со зголемување на тешкотијата за идно консолидирање на јавниот долг, а со тоа и на вкупните јавни финансии на РМ, вели Неновски.

Светска Банка реагира и на владиниот потег за раст на социјалната помош. Вели клучно во овој дел е луѓето што побрзо од корисници на помош да станат работници. Сепак, алармира дека невработеноста кај младите се повеќе се продлабочува, а дури 50 отсто од невработените воопшто и не бараат работа.

Растот на економијата во голема мера ќе зависи од политичката стабилност. Светска Банка предупредува дека ако политичката криза се продлабочи, реформите ќе изостанат. Проекциите на Светска Банка се дека Македонија ќе оствари економски раст од 2 и пол проценти годинава, 2,9 отсто наредната и 3,2 осто во 2020-та.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.