Македонија тоне во сиромаштија, Џафери на турнеја за ратификација на Протоколот за НАТО

Талат Џафери
Талат Џафери

Претседателот на македонското Собрание, Талат Џафери, продолжува со започнатата турнеја во земјите каде што се одвива ратификацијата на Протоколот за нашето членство во НАТО, додека Македонија тоне во сиромаштија.

Од Собранието не дадоа одговор на поставените прашања од „Нетпрес“  колку овие патувања ги чинат  граѓаните, ниту пак  зошто и кој му дава дозвола на Џафери да патува.

За неполн месец тој беше во Љубљана, Тирана, Софија и Подгорица. Откако заврши со регионот, собранискиот спикер, кој од земјите кои досега го ратификуваа Протоколот единствено не беше во Хрватска, ја смени маршрутата во малку подалечна насока. Тој денеска ќе присуствува на чинот на ратификација во парламентот на Романија, а веќе утре ќе биде во литванскиот Сејм, каде што ќе се обрати пред тамошните пратеници.

Од Собранието претходно соопштија  дека Џафери планира да присуствува на ратификацијата во сите парламенти каде што ќе добие покана.

Динамиката на ратификацијата на протоколот се одвива брзо, што зборува за поддршката на земјите членки (постапката е отпочната и во американскиот Конгрес). Тоа, според познавачите, е донекаде очекувано, но, како што велат, неочекувана е намерата да се присуствува на ратификациите во сите земји членки. Досега праксата не била таква. Државата, освен што се изложува на дополнителни трошоци, кои доколку се исполни нормата од 29 посети, сигурно ќе изнесуваат над стотина илјади евра, се доведува и до ситуација законодавниот дом да биде парализиран додека му гори под нозе.

Протоколот за членство во НАТО беше потпишан на 6 минатиот месец во Брисел, за два дена подоцна Грција да биде првата земја што го ратификуваше, согласно договорот од Преспа. Него ќе треба да го ратификуваат уште 23 земји членки, меѓу кои и Велика Британија и Канада, каде што пристапувањето на нова држава во НАТО го одобрува владата.