Речиси половина милион македонски граѓани гладуваат

85

Македонија тоне во сиромаштија, речиси половина милион, односно 460.000 нејзини граѓани секојдневно гладуваат и тонат во сиромаштија, а животот што го ветуваше оваа власт на СДСМ дојде само за нивните функционери во Владата и за семејствата на блиските до нив, критикуваше во саботата Димче Арсовски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

„Според последниот извештај на Државниот завод за статистика стапката на сиромаштија во Република Македонија изнесува 22,2 отсто. Тоа значи дека 460.000 граѓани во Република Македонија живеат во сиромаштија. Скоро две години откако е СДСМ на власт граѓаните се повеќе и повеќе тонат во долгови и осиромашуваат. За жал животот кој го донесоа СДСМ за граѓаните е повеќе од трагичен. СДСМ со задолжувањата ја проби психолошката граница и секој ден само повеќе се задолжуваат, и истите тие задолжувања ќе ги отплаќаат идните генерации. СДСМ треба да одговори кога граѓаните ќе ја добијат платата од 500 евра? СДСМ исто така треба да одговори кога докторите ќе ја добијат платата од 100.000 денари“, рече Арсовски.

Порачуа дека СДСМ треба да одговори кога студентите ќе ги добијат двојно поголемите стипендии, што им ги ветуваа пред да дојдат на власт.

„Но, за жал, наместо овие лажни ветувања, граѓаните од ден на ден се повеќе ги трпат последиците од неспособната влада на СДСМ. За Зоран Заев и криминалниот картел околу него не се приоритет граѓаните, туку ним приоритет им се криминалните бизниси и тендери кои што си ги доделуваат помеѓу нивните семејства и помеѓу нивните функционери. Додека Зоран Заев насилно турка штетни договори на сметка на националните интереси на Република Македонија, животот во Република Македонија од ден на ден станува се понеподнослив. Што побрзо си заминат од власт толку подобро за граѓаните на државата“, истакна Арсовски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.