Македонија треба да биде во НАТО, но нема компромиси за историските факти

Откако во саботата и неделата бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана Красимир Каракачанов даде остри предупредувања за развојот на македонско-бугарските односи откако македонскиот премиер Зоран Заев го спомена признавањето на македонскиот јазик зборувајќи за договорот со Грција, со свои забелешки се јави европратеникот Андреј Ковачев со порака дека Македонија треба да биде во НАТО, дека треба да се почитува Договорот за пријателство меѓу двете земји, но и дека нема компромиси за некои историски факти.

„Македонија треба да биде во НАТО. Договорот со Бугарија, исто така, треба да се почитува. Историските извори од минатите векови докажуваат дека стотици години до 1944 година во географската област Македонија бугарскиот етнички елемент бил доминантен и луѓето се самоопределувале како Бугари. Цар Самуил е бугарски цар на бугарското царство. Григор Прилчев е Бугарин. Нема можност за маневрирање, компромиси или какво и да е друго превртување.

Сегашното самоопределување како етнички Македонци на дел од граѓаните на Република Македонија е, исто така, факт, којшто треба да се почитува, но не може да се дозволи подбивање со нашите предци”, напиша Ковачев на неговиот фејсбук профил.

Бугарската ТВ Европа во прилот ги пренесува ставовите и на Каракачанов и на Ковачев, но пренесува и дека европратеникот од Европската народна партија (EPP), кој е одговорен за западен Балкан Ковачев телефонски разговарал и со премиерот Зоран Заев и со министерот за надворешни работи Никола Димитров и повикал „Скопје да се придржува до истриските факти”.

Претходно во неделата повторно се огласи Каракачанов. Заменик-премиеро изрази незадоволство од отсуството на напредок во работата на бугарско-македонската комисија, во која се разгледува заедничкото историско наследство. Тој ги критикуваше бугарските претставници во комисијата, кои, според него, не се доволно цврсти за позициите на Бугарија.

,,За една и пол година комисијата практично нема напредок. Од бугарска страна има желба да се прават компромиси, што според мене е недозволиво “, рече тој, мислејќи притоа на  работата на заедничката експертска Комисија за историските и образовни прашања со Македонија.

,,На пример тврдат дека цар Самоил војувал и против Бугарија… Не жалам за договорот, беше чекор напред . Постојат многу јасни одредби во договорот за пријателство со Македонија, но во Скопје мора да престанат со фалсификување на историјата”,  вели Каракачанов и истовремено порача дека Македонија да го смени менталитетот , бидејќи со овој менталитет нема да влезе во НАТО и во Европската унија.

 
https://www.youtube.com/watch?v=aUkeeyOCDwo