Македонија трета ракометна сила на стариот континент според ЕХФ

Вардар втор најдобар тим според досега прикажаното во Лигата на шампионите

Македонскиот машки клупски ракомет се најде на третото место на најновата листа која денеска ја објави Европската ракометна федерација (ЕХФ) и која се однесува за европските купови за натпреварувачката 2020/2021 година.

Имаме 115 поени и сме само зад Франција и Германија, а во случајов тоа ни гарантира едно место во ЛШ и три во Европска ракометна лига (ЕХФ Купот се преименува). За овој рекорден ранкинг на Македонија дефинитивно најзаслужен е Вардар кој во последниве години игра извонредно во Европа, па дури и двапати се искачи на самиот врв. Тука секако не треба да се заборави ниту Металург кој играше во ЛШ, но и Еурофарм Работник.

Кога е во прашање женскиот ранкинг, ние сме на осмата позиција што ни овозможува едно место во ЛШ и три во Европска ракометна лига во натпреварувачката 2020/2021.