Македонија за својата иднина на овие избори се брани со гласачко ливче

Удираат по темелите на нашата заедничка куќа, сакаат да ја срушат, од нас зависи

Чукна часот, дојде денот, мигот кога секој од вас треба да ги превземе работите во своите раце, да излезе и да гласа, да гласа за својот дом, за своето семејство, за заедничката иднина. Македонија овој пат се брани со гласачко ливче, на 21 април и потоа и на 5 мај. Ова го истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на вчерашниот масовен митинг во Скопје.

Затоа што ова не се обични избори. Затоа што оваа власт удри по темелите на нашата заедничка куќа, по нашиот дом, почна да руши дел по дел од она што со генерации беше градено. Сруши еден темел, нагриза друг, почна со рушење на дневната соба, ги разниша гредите, а кровот, кровот кога тогаш ќе падне без сето ова. Во меѓувреме ни велат седете внатре безбедни сте, иако сите добро знаете дека не е така. Затоа добри луѓе ова мора да престане. Мора да се спротивставиме на ова рушење, зошто ни го одземаат нашиот дом, кој не е само наше право туку и наша обврска. Затоа овој пат Македонија се брани на овие избори со гласачко ливче, рече Мицкоски пред големиот број граѓани и додаде:

„Оваа кампања го потврди сето она што го говоревме за Заевизмот, за црнилата кои тој Заевизам ни ги донесе. До таму дојде работата што истрчаа на избори без визија, на нивните митинзи освен по некоја нарачана фалба, тук так некоја поетска изведба и лош хумор од Пендаровски Стево нема да чуете ништо конкретно. Па тоа е потценување на сопствениот народ. Да го видите на билборди со онаа насмевка, и со позадина на народ кој е затемен , со заматени лица, бидејќи Пендаровски Стево по примерот на тој кој го номинираше Зоран Заев бил најважен, сето друго е помалку важно. Од Пендаровски наместо визија ќе чуете бачила, сурати, пред очи да не му излегувале луѓето ако не победел,па луѓето ги нарекува со оној збор којшто ми е непријатно и да го споменам овде, а од Заев што можеме да слушнеме ново, се изнаслушавме, нема што ново да слушаме. Освен некоја неразбирлива дилема, како на пример онаа, дали мрчењето бил збор на македонски или струмички, демек едното е поразлично од другото, а кога ќе помине сето тоа ќе удри по некоја песна, на некој лош англиски на плоштадите“.

Но, подвлече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, позитивното е што се виде дека и Заев Зоран и Пендаровски Стево се празни политичари.

И што би рекле самите тие навистина тие двајца се повеќе од 102.5% исти. И тоа е вистинскиот проблем за Македонија. Затоа што Зоран Заев не е ниту Тито, како што го нарекуваат неговите, или пак уште помалку некое божество за фалење, тоа е Зоран Заев човекот којшто се фалеше да не му ја гибаме жицата македонска, оти изгубен во времето ќе го барал семето, кој велеше дека ќе донесол живот. А што направи? Го промени името, го промени идентитетот се срами да рече дека има Македонци во соседна Грција, се срами овде на ова плато да ја отпее химната на Република Македонија , да слушне дека „Денес над Македонија се раѓа“ дека македонците се борат за своите правдини, се срами да ја построи македонската гарда за да не го навредел неговиот нов пријател, изјави Мицкоски и додаде:

„Замислте до кое дереџе дојде Македонија, дома да ни кажуваат што треба да правиме, како во ропство да се наоѓаме, под чизмата на Зоран Заев. Но, набргу доаѓа слободата, 21 Април, 5 Мај ќе дојде слободата и ќе изгрее слободата во Македонија. А потоа на предремените парламентарни избори ќе му каже овој народ кој на кого пред очи да не му излегува и кој бил сурат во случајот. Рацин велеше за туѓи бели дворови копај си црни гробови! И навистина е тешко да се гледа како понизно се пењави пред грчкиот колега, како слугата од Македонските народни приказни, за да не згреши нешто, зошто нели не сакал да му предизвика проблеми дома во Грција. Ама се коцка со моето и со вашето достоинство, не го донел тоа од дома туку се коцка со моето и со вашето достоинство. А овој народ Господнине Заев што е овде собран. Што е и со умрените, постраданите за Македонија, сегашните но и оние неродените кои допрва доаѓаат. Што е и со Гоце Делчев кој го редиш по спотовите, или Блаже Коневски кој што велеше дека името ни е големо сакаат да ни го земат бесрамно ги редиш во твоите спотови на твојот поданик Пендаровски Стево, тие се бореа Зоран Заев за Македонија, нивниот лик е потсетник на твојот срам со делото со кое го нагрдуваш нивниот завет. Треба да ти остане ова еднаш засекогаш запаметено“.

Мицкоски потенцираше дека Заев многу добро знае дека оваа битка ќе ја изгуби.

Затоа што нанесе многу неправди. И еве ви велам дека не заборавам не го заборавам ниту еден човек кој сега е во затвор неправедно осуден кој е мета на прогон и неправда. И нема да престанам да се борам се додека последната неправда не се исправи. Се додека и последното нешто одземено на било кој човек не му биде вратено назад. Не ги заборавам ниту децата чии родители сега гнијат по затворите додека терористите од Смилковско шетаат на слобода. Мора да има правда, правда за секого, безусловна, апсолутна зошто само така ќе имаме држава за каква се бориме мечтаеме и татковина каква заслужуваме, рече меѓудругото лидерот на ВМРО-ДПМНЕ на вчерашниот масовен митинг.