Македонска банка обезбеди кредит за „Југохром“

Југохром ќе ги вклучи изгаснатите две печки и ќе врати на работа 550 луѓе, вели за Фактор комерцијалниот директор Васко Скендеровски, откако вчера на владина седница беше задолжена Македонската банка за поддршка на развојот да обезбеди кредит од 1,5 милиони евра за филтерска постројка без која произведувачот на феросицилиум не може да ја добие потребната еколошка дозвола. Вели дека по две години комбинатот од Јегуновце е на пат да се врати во старите добри денови кога учествуваше во македонскиот БДП со еден отсто и во извозот со седум отсто.

Ниту една друга банка во овој случај не сака да одобри кредит кога процесот на производство е запрен. Бонитетот е намален и се бараа гаранции кои ние не можевме да ги обезбедиме, иако нашиот имот вреди 20 милиони евра. Со ова се надевам целиот проект да заврши во мај, јуни. Печките 7 и 8 ќе се вклучат и очекувам 550 работници да вратиме на работа, да работиме со капацитет од 55 отсто. Мошне важно е што се гледа и на социјалната и на економската компонента, вели Скендеровски.

Комбинатот од Јегуновце треба да потпише договор за кредитната линија од Посебниот кредитен фонд (ПКФ) на износ од 92.242.500 денари за изградба на филтерска постројка за заштита од загадување, со што ќе се овозможи фабриката да продолжи да работи и да се ангажираат вработените. Скендеровски вели дека единствено Македонска банка поддршка на развојот прифатила да им се даде грејс-период за отплата на кредитот.

Станува збор за единствена можност од грејс-период за враќање на ратите. Нашиот предлог е тој да биде една година, но на крај може да испадне и осум месеци. Тоа дополнително треба да се утврди. Останатото не прави голема разлика од она што би го барале од приватните банки. Очекуваме кредитот да го вратиме за четири до пет години – додаде Скендеровски.

Вели дека „Југохром“ изградбата на филтер-станицата ја започнал самоиницијативно и до сега направиле 30 отсто од проектот со сопствени средства или со 1,2 милиони евра. За кредитот што ќе го добие од државата заложува земјиште, печки и трансформатори, како и самата филтер-станица. Од домашните компании, на монтирањето на надворешниот дел работи „Факом“.

Инаку кредитот преку Македонската банка им го вети вицепремиерот Кочо Анѓушев уште пролетоска. Југохром е единствената компанија која не успеа да ја обезбеди А интегрираната еколошка дозвола поради што по неколку пролонгирања на рокот беше принудена да престане со работа.