Македонска делегација на Кинеско-инвестициски форум во Прага

Прага, денеска и утре е домаќин на Кинескиот инвестициски форум, организиран од страна на Мешаната чешко-кинеска трговска комора.

На дводневниот Форум, кој ќе биде отворен со говор на чешкиот премиер Бохуслав Соботка, а на гала вечерата домаќин ќе биде претседателот на државата Милош Земан, учествуваат над 1.200 гости меѓу кои и делегација на Република Македонија предводена од министерот за странски инвестиции Бил Павлески.

Во делегацијата, покрај претставници на Министерството за економија и Одделението за странски инвестиции се и претставници на локалната самоуправа, меѓу кои и градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски и Невзат Бејта, градоначалник на Општина Гостивар.

Регионалните лидери со гувернерите на кинеските провинции ќе потпишат договор за соработка, за основање на заедничка Асоцијација на Гувернерите на Провинциите од Народна Република Кина и Преставниците на земјите од Централна и Источна Европа, со седиште во Чешка.

Македонскиот министер за инвестиции Бил Павлески ќе учествува на панел дискусиите со тема „Влезот на кинеските компании во регионот на Централно – источна Европа“ и „Транспортот и авионската индустрија“.

Тој ќе одржи и низа билатерални средби со колегите и учесници на состанокот.