Mакедонска менаџерка присилувала кубански танчарки на проституција во Турција

338

Македонската државјанка Драгана Ј., менаџерка и сопственичка на агенција од Македонија е притворена во турската престолнина Анкара под сомнение за кривично дело трговија со луѓе и присилување на проституција.

Според пишувањето на турските медиуми, таа преку својата агенција донела во Турција 40 кубански танчарки на кои им ветила работа, но наместо тоа ги присилила на проституција.

Танчарките прво биле сместени во Истанбул, а по кратко време префрлени во Анкара и сместени во хотел во квартот Улус.

Скандлот бил откриен пред 25 дена, кога за неа и пишуваа турските медиуми. Според нив, македонската менаџерка прво им ги одзела пасошите на танчарките, а потоа ги присилила на проституција и ескорт. Откако девојките се побуниле, таа ги затворила во хотелот кој речиси два месеца функционирал како јавна куќа.

Случајот излегол на виделина дури откако една од девојките успеала да побегне и да побара помош од амбасадата на Куба во Анкара. На барање на кубанското министерство за надворешни работи, турската полиција извршила упад во хотелот и ги ослободила танчарките.

Во оваа операција била уапсена и менаџерката Драгана Ј. која по вообичаената полициска процедура била предадена на суд кој и одредил притвор, по што е упатена во притворското одделение на затворот Синџан кај Анкара.

Во својата изјава пред судот, според пишувањето на турските медиуми, Драгана Ј. се изјаснила дека не е виновна и го негирала делото

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.