Македонска премиера на филмот за Светите Кирил и Методиј

Охридско лето и Општина Охрид и годинава заедно ќе го одбележат големиот празник Свети Климент летен, кога се слави заштитникот, патронот на градот.

Во Центарот за култура „Григор Прличев“, во рамките на годинешното 54-то издание на фестивалот „Охридско лето“ во
четврток 7-ми август, во очи празникот, со почеток од 21 часот, ќе се одржи македонската премиера „Апостоли на словените – двајца браќа една животна мисија“ . Новиот историски филм за светите браќа Кирил и Методиј, на чешкиот режисер Петр Николаев, а во продукција на Виктор Криштоф, кој ќе биде специјален гостин на македонската премиера, беше снимен по повод 1150-годишнината од почетокот на мисијата на Кирил и Методиј и се бави со прикажување на нивните дела во ширењето на словенската писменост.

Македонската премиера на филмот за светите Кирил и Методиј, на фестивалската програма на Охридско лето ќе се случи благодарение на Јован Буџакоски и Александар Глигуроски, охриѓани кои веќе 15 години успешно ја водат фирмата „Буџак“ с.р.о во Прага, Чешка. Според нив Охрид е единственото место кое заслужува прикажување на овој филм а овој голем празник за градот е најсоодветен термин охриѓани и гостите да го видат за прв пат.

-Кога го видовме филмот на телевизија воопшто не се двоумевме дека треба да го донесеме во Македонија за да го види и почувствува овдешната публика, целиот македонски народ. Направивме напори со колегата Александар да го преведеме и потоа да бидеме спонзори на „Охридско лето“ за да во негови рамките се случи и оваа промоција за која влезот за сите посетители е слободен – истакнува Јован Буџакоски.

Според директорката на Охридско лето Елизабета Јанкуловска, меѓусебната соработка помеѓу Националната установа Охридско Лето и Општина Охрид во голема мера допринесува кон подигнување на степенот на културен развој на Охрид преку одржување на високото реноме на Фестивалот Охридско лето кое го има на светската уметничка сцена, заложба за уште поголеми дострели во културата и реализирање на квалитетни настани. Со тоа Установата и Општината ќе го оправдаат епитетот на градот- најголемиот културен и духовен центар во Македонија, смета Јанкуловска.
-Охридско лето, како водечка манифестација на културната уметничка сцена, каде се врежани имињата на најславните светски уметнички имиња, е брендот на Охрид , градот кој преставува културен, духовен и туристички центар на Македонија, додава директорката на Охридско лето.

Градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески вели дека Охрид градот на УНЕСКО, и Фестивалот Охридско лето се обележје на културниот идентитет на најдоброто творештво на меѓународно ниво и затоа соработката ќе продолжи и во иднина.

– Со воспоставувањето на една ваква соработка и координација помеѓу Локалната самоуправа во Охрид и НУ Охридско лето. потребно е да се реализираат уште многу нови проекти од областа на културата со што ќе се направи еден силен исчекор на културен план, вели Бакрачески.

Заедничката прослава на Општина Охрид и Националната установа „Охридско лето“ – Охрид за 8 ми август Св.Климент Охридски, еден од најголемите и најзначајните празници за Охрид и неговите жители веќе станува традиција. Токму за тој ден минатата година се оддржа концертот на Антички на етно групата „Љубојна“ со новиот проект „Љубојна брас фантази“, кој беше најпосетениот настан кој предизвика позитивни реакции во јавноста.