Македонската економија стои на финански стабилни нозе

Додека некои од земјите од соседството се соочуваат со закана за банкрот, Македонија финансиски стои на здрави нозе.

После банкротот на Аргентина, светските аналитичари излегоа со листа кои се земјите на кои им се заканува банкрот.

Според магазинот „Euromoney“ од земјите од соседството, следни кандидати за банкрот може да бидат Босна и Херцеговина и Хрватска. Тука некаде е и Србија, која превентивно за да не дојде до банкрот, последниве месеци презема остри мерки и реформи за намалување на јавниот долг, пишува Лидер.мк.

Според аналитичарите на овој магазин, Босна има најголеми шанси за банкрот. Состојбата во земјата е алармантна, но не е толку драматична како онаа во Аргентина. Според анализите, БиХ во следните 12 месеци има 27,4% шанси за банкрот. Економистите предупредуваат и дека Хрватска до 2016 нема да може да ги враќа долговите. Иако Хрватска не е сместена во групата земји најзагрозени од банкрот, банкротот и се приближува, велат аналитичарите. Од друга страна, состојбата во Србија ќе соодветствува со успехот на реформите за намалување на јавниот долг кои во моментот се спроведуваат.

Од земјите од регионот, според висината на јавниот долг моментно рекордер е Слоевнија со 28,8 милијарди евра, но има највисок БДП од сите тие држави, така што има можност да го отплати.На второ место е Хрватска со долг од 28,7 милијарди евра. Следува Србија со долг кој надминува 20 милијарди или 63,3 отсто од БДП. БиХ има јавен долг од 5,5 милијарди евра, Македонија од 2,7 милијадри евра и Црна Гора од 1,7 милијарди евра.

Македонската економија ќе расте и во иднина

Македонската економија стои на здрави нози- покажуваат сите економски индикатори, анализира Лидер.мк. Во првите шест месеци извозот забележа стапка на раст од 17,8%, а според прогнозите на НБРМ, до крајот на годината се предвидува уште поголем пораст на извозот и намалување на трговскиот дефицит, сето тоа како резултат на се поголемиот број извозни капацитети во земјава.

И остварувањето на БДП во пвиот квартал од 3,9% беше над очекувањата на економистите. За целата година НБРМ предвидува раст на БДП од 3,7%. Движењата во економијата се поволни, така што нема да биде воопшто чудно ако до крајот од годината се надминат и овие прогнози. Секако, на овој оптимизам може да се додадат и позитивните движења во европската економија, што претставува дополнителен импулс за раст на македонската економија.

„Она што е важно е дека колку што е понизок буџетскиот дефицит и колку е понизок јавниот долг толку е поповолен амбиентот за монетарната политика. Но, буџетот е основниот инструмент на владините политики, она што ние како монетарна политика можеме да го направиме е да ја одржиме стабилноста на цените преку стабилноста на девизниот курс и монетарната политика има инструменти, има моќ да ја одржи рамнотежата во македонската економија“, изјави во интервју гувернерот на НБРМ, Димитар Богов.

Позитивно е тоа што девизните резерви на Македонија се зголемуваат не само поради приливот на еврообврзницата туку и поради откупот на девизниот пазар и позитивните трендови во овој дел. Моментално тие изнесуваат околу 2,3 милијарди долари.
Во насока на создавање на посилна финансиска дисциплина, Владата предложи нормирање на дефицитот на буџетот во висина најмногу до три проценти од БДП, а јавниот долг да се лимитира на ниво од најмногу 60 отсто од БДП.

Кои земји се следни за банкрот?!

Инаку, банкрот, според магазинот „Euromoney“, и чука на врата на Белорусија, која е во сериозни финансиски проблеми, бидеќи најмногу се потпира на руската добра волја. Во отсуство на други кредитори како поддршка, Белорусија се наоѓа на второто место, со 25,9% шанси за банкорт.

После неа следува Украина, чија економија вртоглаво паѓа како последица на политичката криза, ни и поради проблемот околу гасот со Русија. Помеѓу 10-те земји од светот кои може да банкротираат се и Венецуела, Руанда, Пакистан, Аргентина, Бангладеш, Египет и Грција.