Македонската фудбалска репрезентација од денеска со нов селектор

На 25 јуни од Фудбалската федерација на Македонија објавија дека Благоја Милевски 1 август ќе ја преземе селекторската функција во машката фудбалска репрезентација.

Како што е веќе познато веднаш по завршувањето на групната фаза на Европското првенсто Игор Ангеловски донесе одлука да се раздели со македонската А репрезентација, по што веднаш реагираше ФФМ околу неговиот наследник.

Милевски своето деби ќе го има во квалификациите за Светското првенство 2022 Катар, следниот месец, поточно на 2 септември кога во Скопје ќе ја пречекаме Ерменија, а по три дена подоцна гостуваме во Рејкјавик кај Исланд, додека на 8 септември сме домаќини на Романија.

Милевски кој со поголем дел од сегашните сениори има веќе соработувано во младата репрезентаија каде учествуваше на Европското првенство 2017 Полска, ќе се обиде да направи уште поголем успех, со пласман на следниот Мундијал.

По првите три кола во квалификациската група „Ј“ за пласман на СП води Ерменија со девет бодови, пред Македонија и Германија со по шест, по три имаат Романија и Исланд, без бодови е Лихтенштајн.

– Визијата за нашата фудбалска иднина со Благоја Милевски на местото селектор на македонската А репрезентација е кристално јасна. Тој е човекот кој го регенерираше македонскиот фудбалски крвоток, создаде неверојатна група на фудбалери кои зад себе веќе имаат настап на две Европски првенства, младинско и сениорско и уверени сме дека тој пат мора да продолжи – истакна претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини.