Ништо не би сменил кај моделите кои веќе се произведени, среќен сум со секој од нив, вели во интервјуто за „Нетпрес“, амбициозниот и млад Македонец – Славче Таневски, кој зад себе испишува успешни проекти, како дизајнер за автомобилите на светски познатиот бренд „Мерцедес“.
Тој уште како студент го има напуштено родното Скопје, а во Германија неговиот талент доаѓа до израз. Креативните способности на Славче Таневски се препознаени од страна на дизајнерскиот тим на „Мерцедес“, каде што со текот на времето нижи единствено ценети достигнувања во автомобилската индустрија.
Неговиот потпис веќе стои на дизајнот на „Mercedes GLC Coupe“, а активно работи и на претстојните предизвици. Таневски за „Нетпрес“ ја открива и тајната на неговите уникатни дизајни – избегнува да користи шминка и да ги следи актуелните стилски трендови.
Како го доживувате процесот на дизајнирање на автомобили и моментот кога креацијата станува реалност?
-Убаво е кога се раѓа вашата идеја за која само вие сте имале претстава. Апстрактен импулс кој откако ќе излезе од вас може геометриски да се дефинира. Веројатно тој порив за креација е во човековата ДНК, кај некого помалку кај некого повеќе изразен. Му давате на светот нешто што претходно не постоело, нешто што никој не го видел. Со тоа ја ширите вашата идеја, енергија, порака.
Колку експериментирате во процесот на создавање и колку во целата таа приказна се потпирате и на реалните потреби на потенцијалните клиенти?
-Зависно од тоа колку ми дозволува проектот. Сепак не работам како слободен уметник за себе, туку за потребите на една огромна компанија. Дизајнерите во принцип се бунтовници и не се пријатели на клишето. Сакаме да се изразиме и да го инфилтрираме нашето влијание што е можно повеќе. Секако не за сметка на функционалноста и квалитетот на крајниот производ. Поголеми експерименти и оригиналност се видливи на концептните возила на пример.
Колку „традиционалниот“ дизајн, особено за компанија како Мерцедес, која е препознатлива по унифицирани форми и контури, подлежи на промени, имајќи ги предвид новитетите во автомобилската индустрија, а особено концептот на електро-автомобил, на кој и веќе работите?
-Јас Мерцедес ја доживувам, напротив, како многу иновативна фирма, отворена за нови решенија како технички, така и стилски. Особено во последнава декада. Целиот концепт на доживување на возилото, интеракцијата со него, се многу напреднати. Надворешниот дизајн можеби делува некому традиционално, но тие пропорции и површини што ги употребуваме се безвременски и автомобилите полесно ќе ја преживеат староста. Избегнуваме да работиме со многу шминка и не следиме актуелни стилски трендови.
Успева ли дизајнот да ја добие битката со волуменот на елементите, со акцент на спортските модели со електро-погон, знаејќи дека љубителите на автомобилите очекуваат поголема коњажа и сѐ посовремени перформанси?
-Има тенденција автомобилите да се зголемуваат габаритно. Тоа е најмногу поради безбедноста. Но една од улогите на дизајнот е и тоа-да направиме автомобилот да изгледа оптички помал од тоа што навистина е. На пример тоа го постигнуваме со повеќе облини, со поголеми тркала итн…
Со текот на годините сведочите и на иновативноста во програмирањето, па оттаму и прашањето колку е олеснет процесот на дизајнирање? Остана ли во минатото „цртежот на хартија“ и започнаа ли повеќе да се „кинат нерви“ на идејата, отколку на изработката?
-Тоа е индивидуално. Јас сѐ уште почнувам со скица на хартија, а некогаш кога времето не ми го дозволува тоа цртам директно дигитално. Се оди на тоа временски да се скрати процесот на дизајнирање и тука дигитализацијата има голема улога. Сепак на крај постои физички модел од глина каде што се дефинираат сите површини со милиметарска точност. Мислам дека сѐ уште ништо не може да го замени тактилното чувство.
Од денешна перспектива, дали постои нешто што би смениле во дизајнот на Вашите модели, кои се веќе произведени?
–Јас сум идеалист и перфекционист. Се трудам да го извлечам најдоброто од секоја ситуација во расположливото време кое ми е дадено. Мислам дека ништо не би сменил на моделите кои веќе се произведени. Среќен сум со секој од нив и мислам дека сум го извлекол максимумот при условите своевремено.