Македонската интеграција во ЕУ останува условена со менување на Уставот

Земјава остана на заложбите за членство во ЕУ и во текот на 2024 година, но нејзиното напредување на евроинтегративниот пат и натаму е условено со исполнување на обврските утврдени со Преговарачката рамка, пред се поврзани со промените на Уставот. Наспроти ова, властите на земјава порачуваат дека „македонските граѓани и Македонија како држава го заслужуваат своето место со останатите 27 земји членки на Европската Унија, бидејќи споделуваме исти вредности, се бориме за исти вредности и веруваме во тие вредности, а тоа е да бидеме обединети во различностите“.

Сепак, во Заклучоците на ЕУ за проширувањето, усвоени кон средината на минатиот месец, Унијата ја поздрави „определбата на новата Влада на Северна Македонија, која интеграцијата во Европската Унија ја прогласи за своја стратешка цел“, но потсети и дека земјата се уште не ги спровела уставните измени на кои се обврза.

„Повторувајќи го повикот до Северна Македонија да го забрза спроведувањето на овие измени, Советот (на ЕУ) ја потврдува својата подготвеност да свика уште една меѓувладина конференција, без дополнителни одложувања или дополнителни политички одлуки, штом Северна Македонија ќе ја спроведе својата обврска, во согласност со нејзините внатрешни процедури. Потоа, Советот е подготвен да го отвори првиот преговарачки кластер што е можно поскоро, во согласност со Преговарачката рамка“, се наведува во делот од заклучоците посветени на земјава.

Покрај нагласувањето на потребата за преземање „постојани и решителни чекори за да се забрза спроведувањето на реформите поврзани со ЕУ, особено во областите на основните вредности и владеењето на правото, каде што е постигнат само ограничен напредок“, во заклучоците се потсетува на важноста од „постигнувањето видливи резултати од имплементацијата со добра волја на билатералните договори, вклучително и на Договорот од Преспа со Грција и на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија, во согласност со Преговарачката рамка“.

И во Завршната декларација од Самитот ЕУ-Западен Балкан, одржан на 18 декември, се посочува дека „помирувањето, инклузивната регионална соработка и добрососедските односи се сржта на Европската Унија, па затоа од суштинско значење е спроведувањето на меѓународните договори со добра волја и со видливи резултати, вклучително и на Преспанскиот договор со Грција и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија“, без при тоа во текстот директно да се именува или посочи земјава.

Во документот се нагласува и дека заеднички интерес на ЕУ и на земјите од Западниот Балкан е забрзувањето на пристапниот процес, „заснован на кредибилни реформи од страна на партнерите, на правична и ригорозна условеност и на принципот на индивидуални заслуги“.

Токму на почитувањето на индивидуалните постигнувања во спроведувањето на реформите поврзани со ЕУ, инсистира и македонската Влада. Пред заминувањето на Самитот ЕУ-Западен Балкан, премиерот Христијан Мицкоски порача дека Европската Унија мора „да се врати на старите шини“, кои се темелат на мерит системот, односно на постигнувања, а не на билатерални спорови“, додавајќи дека блокада може да има доколку земјата не е добра во одредени перформанси, кои произлегуваат од критериумите.

– Не велам јас дека ако ние не сме добри во владеењето на правото, образованието, рибарството или нешто друго, дека не треба да бидеме успорени или закочени. Но, ако треба да решаваме прашања од 11. и 12. век и тие да ни се пречка, тогаш никогаш нема да бидеме дел од ЕУ. Тогаш ќе имаме две опции. Или да се самоуништиме, што е лудо или да се бориме и потешко ќе бидеме дел од ЕУ се додека постојат овие спорови – порача Мицкоски.

Според него, со ова наместо ние да се европеизираме, процесот на пристапување во ЕУ се балканизираше со ставање пречки поради билатерални спорови, кои не се поврзани со реални проблеми.

– Полека но сигурно тоа стана пракса… Билатерализацијата стана алатка, односно наместо ние да станеме Европејци, Европејците станаа Балканци и тоа е најголемиот проблем сега кај нас. Практично, процесот на пристапување на преговори се балканизираше – истакна Мицкоски во новогодишното интервју за МИА.

Според министерот за европски прашања и главен преговарач со Европската Унија, Орхан Муртезани, билатерализацијата на процесот на пристапни преговори во Европската Унија не станува проблем само за земјите кандидати, туку почнува да станува сериозен проблем и за самата Унија.

– Ние во неколку наврати заедно со премиерот сме се обиделе да објасниме дека преземените обврски во однос на спроведувањето на уставните измени стојат како такви, постои политичка волја и спремност тие да се носат, меѓутоа ние притоа мора да го заштитиме процесот од понатамошна билатерализација, особено од една дополнителна причина, бидејќи дизајнирањето на процесот на пристапување е во спроведување на одредени реформи и одредени европски стандарди – истакна Муртезани во интервју за МИА.

Уставни измени со одложено дејство 

Во обид да се деблокира европскиот пат на земјава и таа да ги започне преговорите по првиот кластер „Основни вредности“, новата Влада предложи решение за уставни измени со одложено дејство, кој неофицијално го доби називот „француски предлог плус“.

Предлогот превидува сега да бидат усвоени уставните измени, со кои во Уставот како еден од народите што живеат во земјава би се вметнале и Бугарите, но тие да стапат во сила откако Бугарија ќе го ратификува договорот за членство на државава во Европската Унија по завршување на целиот процес на пристапни преговори.

Претставниците на ЕУ на барање за став по овој предлог, континуирани одговараа дека  „продолжувањето на пристапниот процес на Северна Македонија зависи од уставните измени“, упатувајќи на заклучоците од Самитот на ЕУ од декември 2023 година, во кои се нагласува дека „Европската Унија е подготвена да ја заврши фазата на отворање на пристапните преговори со Северна Македонија, веднаш штом таа ја спроведе својата заложба за комплетирање на уставните измени во согласност со нејзините внатрешни процедури, како што е наведено во заклучоците на Советот од 18 јули 2022 година“.

– Нашиот став е многу јасен, Комисијата со нетрпение очекува почеток на преговорите по Кластерот „Основи вредности“ со Северна Македонија што е можно поскоро, откако Северна Македонија ќе ги исполни релевантните критериуми што се договорени со Советот – изјави лани во септември тогашната портпаролката на Еврокомисијата за проширување, соседска политика и меѓународни партнерства Ана Писонеро.

На директно прашање на МИА за ставот на ЕУ за предлогот за уставни измени со одложено дејство, новиот претседател на Европскиот совет, Антонио Кошта порача дека „мора да работиме за целосно исполнување на обврските на Северна Македонија“, кои се предуслов таа формално да ги отвори пристапните преговори и колку побрзо се спроведат реформите и се исполнат сите критериуми, толку побрзо ќе го завршиме процесот на проширување и секој од партнерите од Западниот Балкан ќе влезе во Европската Унија.

– Секако, неопходно е да се почитува она што Северна Македонија го оствари и мислам дека е многу важно да се постигне зајакнување на довербата меѓу Северна Македонија и нејзините соседи, особено Бугарија. Мора да работиме за да обезбедиме дека Северна Македонија целосно да ги исполни своите обврски, кои се предуслов формално да ги отвори преговорите. Имам голема почит кон напорите што Северна Македонија ги направи во минатото за надминување на пречките, особено со Грција. Тоа е земја кој дури го промени своето име за да ги надмине овие пречки – нагласи Кошта.

И новата еврокомесарка за проширување Марта Кос, при претставувањето пред европратениците за време на сослушувањето пред да биде избрана, нагласи дека очекува земјава да го промени Уставот како што вети, за да може да продолжи на својот европски пат.

За предлогот за уставни измени со одложено дејство, премиерот Мицкоски посочи не постои ниту еден политичар од Брисел или од светот на кој кога ќе му се кажат аргументите и предлогот, рекле „не“ и дека тоа е „фер, разумно“ решение, но оти Софија не го прифаќа.

– Ние постојано аргументираме дека тој предлог не е спротивен на заклучоците, повторно ги кажуваме нашите аргументи за сето она од минатото, за сето она кое што го очекуваме да ни се случи во иднината, како ние сега би можеле да им објасниме на нашите граѓани дека ќе го менуваме Уставот поради оваа причина, поради овој аргумент дека неколку стотини наши сограѓани коишто за себе велат дека се дел од бугарската заедница треба да влезат како конститутивен елемент, а десетици илјади наши сограѓани во минатото и стотици илјади Македонци во Бугарија не можат да основаат ниту невладина организација – вели Мицкоски.

Премиерот Христијан Мицкоски од Самитот ЕУ-Западен Балкан во Брисел порача дека Владата останува фокусирана на реформите и дека е подготвена да разговара за се што е принципиелно за државата и граѓаните, но дека не прифаќа ултиматуми.

– Ги реафирмиравме нашите ставови дека ултиматуми не прифаќаме, дека сме подготвени да разговараме и подготвени сме да разговараме онолку колку што е потребно за да најдеме начин како да го отвориме првиот кластер, брзо да го поминеме тој процес на преговори и да станеме земја членка во Европската Унија – изјави Мицкоски.

Тој нагласи дека на сите средби ги изнесува нашите аргументи за евроинтегративен пат на земјава, но од неговите соговорници не добива контрааргументи за нив.

– Зборувам за план, којшто не е план само за првиот чекор. Јас сум подготвен да разговарам за план, којшто нас ќе не однесе до крај, бидејќи ние како држава не сме како сите кандидати, морате тоа да го признаете. Затоа што ние повеќе од две и пол децении сме дел од овој процес. Скоро две децении сме кандидати и никој досега немал билатерални договори во својата преговарачка рамка – изјави Мицкоски, додавајќи дека ниту една држава досега не промени знаме, банкноти и име, како што направи нашата земја, што, според него, создава фрустрација кај граѓаните.

Тој посочи и дека може да се најде решение ако има политичка волја, бидејќи се се сведува на политичка волја и на храброст.

– Остануваме фокусирани да предлагаме решенија и ако навистина има желба, тогаш има и начин – рече Мицкоски.

Тој порача и дека треба да се разговара за билатерална соработка, од која ќе имаме реални опипливи резултати коишто ќе се темелат на прогресивен напредок.