Македонската кинематографија на Канскиот фестивал, кусиот филм „Северен пол“ премиерно на 16-ти јули

22

„Северен пол” – најновиот краткометражен филм на Марија Апчевска, во продукција на „Кино око“ и поддржан од Агенцијата за филм, е во официјалната конкуренција на 74. Кански филмски фестивал кој се одржува од 6 до 17 јули. Светската премиера на нашиот филм ќе биде на 16 јули во 11 часот во салата „Дебиси“ во Кан.

На проекцијата ќе присуствува и дел од екипата на филмот, а за оваа пригода Агенцијата за филм ќе организира коктел-забава на 15 јули, на која ќе бидат поканети соработници и претставници од европската и светската филмска индустрија присутни на Канскиот филмски фестивал.

По паузата од минатата година,  повторно е  организирано физичко издание на филмскиот маркет во Кан, каде што на штанд во Павилјонот на земјите од југоисточна Европа (SEE Pavilion) се промовира и презентира македонската кинематографија.

„Оваа година присуството на македонскиот филм на маркетот ќе биде во поголем фокус од страна на меѓународните филмски професионалци особено поради фактот што оваа година првпат имаме и филм во официјална селекција – краткометражниот филм „Северен пол“ на Марија Апчевска. Ова е огромен успех за македонскиот филм и голем исчекор во неговото позиционирање на меѓународната филмска мапа. Овој успех на продуцентот и целокупната филмска екипа Агенцијата за филм го честита и преку официјална честитка во престижниот филмски магазин „Variety“ (во печатеното дневно издание на магазинот на 10 јули)“, соопшти Агенцијата за филм.

Во рамките на Филмскиот маркет (Marche du film) ќе бидат прикажани два филма –  „Снежана на крајот умира” на Кристијан Ристески на 9 јули во 11:30 часот, во киносалата  „Palais F“, каде што на 11 јули во 11:30 часот маркет-проекција ќе има и филмот „Денот на жената“ на Гоце Цветановски,

Филмскиот маркет на Канскиот фестивал се одржува од 6 до 15. јули и, како и секоја година, нашата Агенцијата за филм  ги презентира најновите филмови кои се во постпродукција или се завршени, најновите каталози во кои се претставени сите нови филмски проекти реализирани во 2020 и 2021 година и филмови кои се во фаза на реализација, како и мерката за право на поврат на средства за снимање од странски продукции.

„Сите присутни на Филмскиот маркет кои ќе го посетат павилијонот, а се заинтересирани за потенцијални идни соработки и иницијативи, ќе имаат можност да остварат состаноци со претставници од Агенцијата. Покрај промотивниот штанд, Агенцијата за филм ќе биде присутна и на онлајн-платформата на маркетот каде што оние кои не се во можност да присуствуваат на физичкото издание на маркетот ќе имаат можност да ги проследат сите активности и информации преку виртуелната платформа Marche du film online“, наведува Агенцијата за филм во соопштението.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.