Македонски градоначалници приведени во Бугарија поради ловна муниција

Двајцата градоначалници веднаш биле уапсени, а дежурен јавен обвинител им одредил 24-часовен притвор
Двајца македонски градоначалници од источна Македонија се уапсени  на граничниот премин со Бугарија бидејќи граничната полиција во нивниот автомобил пронашла патрони за ловџиски пушки кои не ги пријавиле.
Бугарската новинска агенција „Фокус“ јавува дека двајцата градоначалници се уапсени вчера околу 19,30 часот на граничниот премин „Делчево“.
Градоначалниците се пријавиле за излез од Бугарија, по што граничната полиција и царинските службеници од бугарска страна решиле да направат проверка на нивниот автомбил „цитроен“. Во фиока во автомобилот службениците пронашле 20 ловни патрони и една кутија со 100 флоберкови патрони калибар 22 милиметри кои градоначалниците не ги пријавиле.
Двајцата градоначалници веднаш биле уапсени, а дежурен јавен обвинител им одредил 24-часовен притвор.
„Фокус“ јавува дека вчера градоначалнците во Бугарија присуствувале на состанок на градоначалници и бизнисмени во Благоевград, од каде најверојатно и ја купиле ловечката муниција.
Од македонското Министерство за надворешни работи велат дека иако се во постојан контакт со амбасадата во Софија досега немаат официјална информација дека наши градоначалници се уапсени и притворени.
Оттаму додаваат дека нашите дипломати во Бугарија се обидуваат да стапат во контакт со надлежните бугарски органи за да добијат барем потврда за овој настан.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.