Македонски камиони стојат во Полска, не знаат дали да го продолжат патот за Москва

Македонски извозници натоварени  седат во Полска, чекаат да заминат за Калинин град во Русија, велат извори за Сител. Стравуваат да тргнат  за да не бидат вратени од руските цариници,  поради неусогласеност на  документите од двете земји по  промената на името на државава.  Од државниот  инспекторат за земјоделство посочија дека засега не е вратен никој.  Еден камион натоварен со  овошје и зеленчук успеал да ја помине границата кон Русија. Но се чекале да пристигнат и другите.

Земјоделците пак стравуваат за пласманот на производите. На само неколку дена пред да почне откупот на пролетната зелка не се сигурни дали ќе тргне извозот кон Русија.

Во меѓувреме од македонско- руската стопанска комора на сила е предупредувањето според кое транспортерите не би требало да тргнат кон Русија и да почекаат неколку дена додека надлежните  институции  во двете земји не ги усогласат  документи за непречен проток на производи.

Од земјоделскиот инспекторат потврдија дека проблем може да има затоа што царинската декларација е со ново име, а на сертификатото сеуште пишува Република Македонија. Посочија дека промената на овој документ е многу посложена, но дека за тоа навреме   била известена руската федерација.

Македонија во Русија најмногу извезува овошје и зеленчук. Во јануари размената изнесувала 13 милиони евра. Извозот бележи раст од 40 отсто, но кај увозот има пад од 12 , 5 проценти.