Македонски компании на прехранбен саем во Москва

Тринаесет македонски компании  од денеска до 14 септември учествуваат на  најголемиот прехранбен саем во југоисточна Европа  „Мир питание 2017“ (World food 2017) во  Москва.

Учеството на македонските компании е во организација на Македонско-рускатата стопанска комора и со финансиска поддршка на ресорното Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство на Република Македонија.

На националниот штанд од 110 метри квадратни ќе се претстават  „Агролозар“ од Хамзали и „Евромак“ од  Струмица, „Агро-калем“ од Неготино, „Перминдекс“ од Градско, „Румко 91“ од Ресен, „Кривогаштани промет“, „Европа“ од Штип и „Конимекст“, „Бонвивер“, „Чеза Комерц“, „Гранд експорт“, „Кадино“ и „Јуникс“, сите од Скопје.

Покрај најголемите извозници на храна во Руската Федерација, на оваа саемска манифестација традицонално се присутни и експерти од областа на агрокомплексот, а се одржуваат и низа трибини, промоции и презентации, што  го прави овој саем  најголема берза за храна во овој дел на светот. „World food 2017“ привлекува огромна публика, трговци на големо и мало, дистрибутери и ресторани,  а минатата година московскиот саем го посетиле повеќе од 70 илјади луѓе.

WorldFood Москва, како што наведуваат во соопштение е одлична можност и да се промовираат нови производи на рускиот пазар и се очекува македонските компании да ја искористат оваа можност.

Покрај настапот на World Food Москва македонската бизнис – делегација денеска ќе има  средба и со преставниците трговски  синџири од Руската Федерација во деловниот центар „Фуд сити“,  кој е сопственост на најголемиот руски агро-кластер.

Извршниот директор на Македонско-руската стопанска комора Дејан Бешлиев вели дека билатералните деловни контакти со руските продавачи на храна се организирани во соработка со „Македонски дом“, компанија која е формирана за да го зголеми пласманот на македонските производи на рускиот пазар и со Московската стопанска комора

– Расте побарувачката за македонските земјоделски производи од страна на руските компании. Во изминатиот период зголемен е и бројот на пратките и количнините кои се пласирани на овој голем  пазар. Затоа и присуството на  македонските компании на значајната  саемска манифестација „World Food 2017“, од кои повеќето веќе традиционално со години се  редовни излагачи, очекуваме да донесе нови бројни контакти со деловни партнери од Русија што ќе резултира и со понатамошно зголемување на македонскиот извоз. Примерот на агрокомплексот треба да го следат и другите индустрии во земјава, се со цел да се намали трговскиот дефицит кој го имаме со Руската Федерација и кој  во првите седум месеци од годинава изнесува 73,3 милиони долари, наведуваат од Македонско-руската стопанска комора.

Обемот на трговијата меѓу Република Македонија и Руската Федерација до крајот на јули  според процентите на раст бележи зголемување во сите сегменти. Вкупната размена достигна вредност од 132,8 милиони американски долари и е повисока за 41,9 отсто. Извозот на македонски производи на овој пазар изнесува 29,7 милиони американски долари и бележи  пораст од 14 отсто. Во истиот период македонските компании на пазарот на Руската Федерација купиле три пати повеќе стока отколку што продале и тоа во вредност од 103,1 милиони американски долари, што е пораст од 52 отсто. Република Македонија од Русија претежно увезува енергенси.

Покрај учеството на саемот, бизнисмените од земјава ќе го искористат за контакти со руските партнери, а се очекуваат и бројни  деловни  средби  со претставници на руската комора и со официјалните лица на руската администрација.