Македонски лекар стана херој во Охајо

Лекарот Јован Лашковски, кој работи и живее во Охајо стана познат откако за време на судење му го спасил животот на еден од сведоците.

Тој за МИА раскажал што се случило на денот на судењето.

– Јас бев избран како поротник во еден судски процес. На судењето, првиот повикан сведок почна да претрпува напад, за време на вкрстеното испрашување. Ја загуби свеста и почна да паѓа од столицата. Штом го забележав тоа, инстинктивно реагирав и скокнав преку пултот за поротата. Го фатив пред да падне. Се се случи бргу, морав да реагирам, бидејќи местото одредено за сведокот беше издигнато еден метар над подот. Ако паднеше на земја можеше тешко да ги повреди и главата и вратот. Ги стабилизирав дишните патишта на сведокот, главата, вратот и телото, додека не помина нападот кој го претрпе. На крајот, немаше последици по неговото здравје, вели Лашковски.

Лекарот вели дека му пружал прва помош на сведокот додека не стигнала болничката екипа која ја повикал судијата. Голем број американски медиуми објавија за случката на ортопедот од Ејкрон кон успеал да го спаси болниот сведок.

– Како православен Македонец јас имам силна верба во Господ и сметам дека понекогаш ме носи на вистинското место, во вистинско време, за да помогнам. Му благодарам на Господ што сведокот не беше повреден, и што ми даде сила да му помогнам, вели Лашковски.

Судијата Џој Малек Олдфилд, кој го водеше процесот, му честиташе на младиот лекар што одвоил време од работата и 10 месечниот син да биде поротник на судењето, на кое успеа да спаси живот. Лашковски е ортопед од клиниката Кристал во Ејкрон, а инаку потекнува на семејство од Битола кое живее во Охајо, каде што и Јован е роден.

– Семејството на мојата мајка живее во Битола, која јас ја сметам за мој втор дом, каде што живеат мојата баба, роднините, братучедите, и има специјално место во моето срце, вели Лашковски.