Македонски манифест до г.г.Стефан: За овој кукавички гест Македонците никогаш нема да ви простат!

Од Македонски манифест упатија отворено писмо до г.г. Стефан и до Синодот на МПЦ по повод барањето за признавање автокефалност од Бугарската црква.

,,Шокирани сме од вашето писмо неодамна упатено до Бугарската православна црква со кое не понизно, во Исусовото значење на тој поим, туку најполтронски барате од неа да биде признаена афтокефалноста на МПЦ, а за возврат на тоа истата ќе ја признаете за наша мајка-црква. Ужасно. ГГ Стефан и вие архиереи со тешки златни крстови и мантии, зарем мислите дека Црквата-Невестата Христова е проститутка, па можете и смеете така лесно да ја фрлате во прељубни врски. Со овој срамен гест вие воопшто не заслужувате да стоите на кормилото на МПЦ и треба итно да си поднесете колективна оставка.
Од она што го правите се гледа дека воопшто не го познавате Христовото учење и дека место христолика имате фарисејска нарав. Зарем мислите дека паствата што ја кадите со темјан, а како фарисеите го криете од неа Словото, кое можеби и на вас не ви е јасно, јуродивиот македонски народ така лесно можете да го излажете. За овој кукавички гест тој никогаш нема да ви прости, а веројатно ќе се освести бргу и нема да ви доаѓа на служба во црквите во кои вие проповедате, затоа што по овој ваш предавнички чин таа служба веќе не е богослужба туку фарисејска мимикрија.
Да ве потсетиме само како им се обрати апостол Павле на Македонците во Филипи во неговото „Послание до Филипјаните“. Им рече дека се „Божји чеда среде опак и расипан свет“ во кој светот „како светила во него“ (Филипјаните 2:15). А вие, архиереи со се вашиот поглавар, дали по ова ваше валкано писмо и проститутска понуда не го извалкавте македонскиот народ, дали вашите усти се со Христов, или со Јудин бакнеж, размислите за тоа.
Се разбира, пак, во ова обраќање до вас Македонски Манифест го поштедува од овие со право остри квалификации Митрополитот повардарски Агатангел, кој единствено, осамен, и’ се има доблесно спротивставено на вашата сулуда фарисејска, квислиншка идеја, која parexcellence се вклопува веќе како авангарда во идентитетската ликвидација на Македонија и Македонците замислена од соседите, меѓу кои е и вашата бугарска мајка што ја барате да ве посини, и меѓународните „мајстори на смртта“ (П. Целан)
Бидете поздравени за последен пат. По овој ваш антихристијански, фарисејски, кукавички гест не само од Македонски Манифест туку од целиот Македонски, не само православен, народ праведно заслужувате ништо друго туку погребално опело.
Нека дојдат итно на ваше место доблесни свештеници христолики и богоугодни на кои ќе им верува овој народ и кои ќе го охрабрат да опстои во ова за него тешко време со примерот на самиот Бог Исус Христос, со примерот на првата христијанска црква во Европа на апостол Павле и Лидија, и со сите македонски херои и светци-мартири на кои вие не сте им достојни и само ги срамите, се наведува во отвореното писмо .

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.