Македонски Телеком и Т-Мобиле ќе исплатат дивиденда во вредност од 44 милиони 166 илјади 715 евра

На Годишно собрание на Македонски Телеком, собрание на Т-Мобиле Македонија се донесе одлука за исплата на дивиденда за 2013 година, во вкупен бруто износ од 44 милиони 166 илјади 715 евра (2.716.252.939 денари) што е целокупен износ од остварената нето добивка за 2013 година, односно бруто износ на дивиденда по акција од 31,49 денари во кој е вклучен данокот на добивка, персонален данок на доход и данокот по задршка, каде што е применливо.

Исплатата на дивидендата за 2013 година ќе се врши во периодот помеѓу 23 и 30 април.

Во врска со деталите поврзани со исплатата на дивиденда,Македонски Телеком АД – Скопје ќе ги информира акционерите во еден од дневните весници, на интернет страницата на Македонската берза на хартии од вредност како и на официјалната интернет страница на Друштвото.

Собранието го одобри и работењето на членовите на Одборот на директори на Македонски Телеком за 2013, a го усвои и Годишниот извештај за работењето на Секторот за интерна ревизија за 2013 година.

Собранието на Т-Мобиле Македонија и Собранието на Македонски Телеком на својата денешна седница ја констатираа оставката на Јанош Сабо и Михај Немет од позицијата неизвршни членови на Одборите на директори и го разрешија Тамош Вагани од позицијата независен неизвршен член на Одборите на директори, почнувајќи од 1 април, 2014 година.

За нови неизвршни членови на Одборите на директори на двете Друштва се избрани: Атила Кесег и Михаел Франк, а за нов независен незивршен член на Одборите на директори е избран Франк Полц, сите со мандат од четири години, почнувајќи од 1 април, 2014 година.

На вонредните состаноци на одборите на директори на Македонски Телеком и Т-Мобиле Македонија, одржани на 26 март, донесени се одлуки за разрешување на главниот директор за техника, Торстен Алберс, кој ќе ја продолжи својата кариера во Хрватски Телеком. Божидар Полдругач е именуван за Главен директор за техника на Македонски Телеком и Т-Мобиле Македонија, почнувајќи од 1 мај, 2014 година. Полдругач доаѓа од позицијата Главен директор за техника и ИТ од Хрватски Телеком, со богато дваесетгодишно искуство во областа на телекомуникациските и информатичките технологии.

Во текот на неговата кариера бил одговорен за деловните и техничките аспекти на мрежите и информатичките технологии, за активности за односи со корисници, билинг и сметководство на приходи, наплата и управување со побарувања, како и за меѓународни прашања поврзани со мобилните комуникации.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.