Македонски уметници на 57-то Венециско биенале

Во градот на гондолите, Венеција, кој високо котира на мапата на современата уметничка сцена и култура, во текот на  октомври се промовираше ликовната изложба „FIND ME”, меѓународен проект на познатиот италијански независен уметник и куратор Масимо Касагранде во организација на Vernice Contemporanea Art Management  и во соработка со најзначајната светска манифестација 57. Венециско биенале „Viva Arte Viva”.

Во рамките на Венециското биенале и во обележаниот простор Спацио Канц на 30 септември беше отворањето на изложбата на која учествуваа 70 афирмирани уметници и млади таленти од Италија, САД, Англија, Шведска, Финска, Русија, Швајцарија и Македонија.

Македонија со свои авторски дела ја претставуваа академските сликарки Наталија Пулејкова Радеска и Драгица Ристеска. Овие две наши млади авторки беа селектирани за учество на изложбата – единечна инсталација на сите ликовни дела, кои успешно ја промовираа македонската уметност во Венеција, а уметницата Наталија Пулејкова Радеска изјави:

„Особено се радувам што сум дел од оваа неконвенционална уметничка инсталација во Венеција. Самиот интелектуален проект ‘FIND ME’ ми го отргна вниманието за учество на овој вид интерактивна изложба, каде што преку зададена мапа со фотографии на делата спонтано се постигнува дијалог помеѓу универзалниот јазик на уметноста и публиката. Моето дело носи наслов ‘Thinking of you’, изработено е во 2017 година во комбинирана техника на платно и претставува визуелна конекција со саканата личност. Престојот во Венеција во овој период дополнително ме инспирира за нови предизвици и создавање нови слики во иднина, каде по завршувањето на оваа изложба, ја подготвувам и мојата нова самостојна изложба, во ноември во Скопје.“

Изложбата „FIND ME” во Венеција ќе биде отворена до 29 октомври 2017 година.