Македонскиот алтернативен историско идентитетски трилер: предавство на сонот за држава

Кога ќе ви го погазат достоинството, кога животот ќе ви го сведат на основно биолошко преживување, кога ќе ве понижат како личност, станувате бесчуствителни и индиферентни на реалноста и луѓето што ве опкружуваат. Понижувањето како вежба на практицирање политичка моќ креира идеален амбиент за аплицирање на проектот за социјален инжињеринг на национално самообезличување Толку посакуван однадвор. Задскриен зад некоја повисока цел, како што е евроатланската иднина на земјата.

Добро е познато низ историјата дека имало различни форми на уништување на националниот идентитет на некој народ. Некои од методите биле брутални: физичко истребување, затвор, прогонство, прогон на дисиденти и сл., а други биле посуптилни во методите: создавање и ширење нови верзии на историјата и инфузија на нови вредности низ образовните системи, мас-медиумите, јавните организации, уметноста и други можни инструменти на масовна пропаганда.

Сепак, генерално постои унифициран модел на однесување на скоро сите тоталитарни режими, без оглед на идеологијата кога станува збор за уништување на националниот идентитет: контрола врз сегашноста и иднината преку потиснување на колективната свест. Така беа уништувани старите историски митови, културното наследство и чувството за заедништво, а беа наметнати идеолошки обработени верзии од минатото. Изградба на општество без меморија, без минато, без своја автентична историја, беше идеалот на социјалниот инженеринг што го применуваат сите познати тоталитарни режими. Идеалот е на пат да се оствари во Македонија. Од кого ако не од форматираните комунисти. Црвената ѕвер е повеќе од жива во Републиката.

Милан Кундера никогаш не би можел да биде порелевантен денес кога пишува за исчезнувањето на нацијата. Во неговата „Моќта на заборавањето“, или историската амнезија ќе запише:

Првиот чекор во ликвидацијата на еден народ е бришење на неговата меморија. Уништи ги неговите книги, неговата култура, неговата историја. Потоа нека напише некој нови книги, создаде нова култура, измисли нова историја. Со текот на времето таа нација ќе почне да заборава што е и што била. Светот  околу нејзе ќе заборави уште побрзо.

Токму тоа ни се случува во моментов во Македонија. Македонскиот народ стана жртва во овој бескрупулозен социјален инжињеринг. Кој, доколку се анализира подлабоко, кореспондира со идејата на Zygmunt Bauman дека националниот идентитет не треба да се третира како нешто наследно или стекнато, туку како „бескрајна, секогаш нецелосна, недовршена и отворена активност во која сме сите ние, по потреба или по избор“. Ваквиот флексибилен пристап кон индивидуалниот и колективниот (првенствено и најзначаен) национален идентитет има моќ да ни отвори нови пристапи за ставање себеси во брзо менување на социјалното и културното опкружување и отвора можност да избегаме од затворот на хомогенизиран светски ригиден и тврд национализам.

За експериментот да биде успешен ќе треба да се обезличиме самите. Само така би излегле од хомогенизираниот светски ригиден и тврд национализам и ќе станеме дел од глобализираниот свет. Во нашиот случај македонскиот народ треба самиот да се укине, исклучен од минатото, во кое го црпеше своето достоинство, од општеството во кое веруваше дека му припаѓа, и иднината во која очекуваше ќе биде негова.

Ќе разберам кога народот молчи гледајќи што се случува. Како ја губи државата и како се обезличува. Власта што нема да ја сфати политичката вредност на тишината кај народот, воопшто не знае да слуша. Тишината на народот воопшто не е пасивна, тоа е активна форма на повлекување, отпор, избегнување или одбивање да учествува во комуникација со власта под услови што се чинат неприфатливи. Народот низ молкот кажа што мисли за  промена на името на државата и неговото идентитетско обезличување. Прати порака. Уште да имаше кој да ја слушне.

Го разбирам молкот на народот, но не можам да го разберам молкот на интелектуалната, а посебно академската заедница за она што и се случува на државата. Во историјата на една држава секогаш доаѓа време кога тишината е предавство. Такво е денешното време. Затоа најгласен и најтажен е молкот на оние што ја втемелија научната мисла и историски факти за генезата на македонскиот народ и државност. Кога МАНУ молчи, и кога историјата станува премет на пазарење, тоа е белег на интелектуална и научна импотенција и недостаток на глас на нацијата. Ако академиците немаат глас, каков глас ќе имаат идните генерации и каков глас ќе има нашата нација во светот? Никаков. Многумина би коментирале дека нација без глас не заслужува држава. А, можеби е вистина. Кој знае. Е мои јадни академци. Мозокот на нацијата. Беа и си останаа, слуги. Заборавена креација на комунизмот. Како такви се мапирани во подготовка на проектот за самообезличување на македонската нација. Сепак, да не се секираат нашите академици и историчари, зашто „најжешките места во пеколот се резервирани за оние што молчат во време на морална криза“ (Данте, Инферно). Барем по нешто ќе остават белег, по што ќе ги памети историјата. Секако не нивната.

Проектот за самообезличување на македонската нација продолжува. Продолжува неговото понижување. Последното на Илинден. Се прашувам до каде мислат да одат. Колку понижување може да му испорачаат на овој народ? Забораваат дека неговата историјата никогаш не била лесна. Научен е да трпи. Но, политиката треба да знае дека понижувањето може да биде мотивирачка сила за една нација да се одмазди за преживеаното понижувачко искуство. Зашто народот никогаш не може да биде поразен. Посебно не македонскиот, чија историја е историја на страдање, негирање и понижување. Болно е кога доаѓа од своите. Затоа оние што ни нудат лажна реалност и историска амнезија денес, сериозно треба да бидат уплашени од гневот на својот народ утре.

За жал оваа држава веќе не ја препознавам како своја. Не ја препознавам ни историјата која очигледно има нераскажани приказни. Историја на лаги и заблуди. Ми се нуди анационалност како реконструиран национален идентитет. Простувањето и помирувањето нема да може да го избришат горчливото искуство на идентитетското самообезличување што ми се нуди како иднина. Кога етничката припадност ќе ви ја заменат со географска, се прашувам што е она што и понатаму ве врзува за оваа држава воопшто. Сеќавањето за нашето минато во држава која веќе не е моја го менувам во надеж за мојата иднина. Географски различна од Северна. Зашто сакам да живеам, не да постојам. Зато полека со иднината во политичките говори. Зашто иднината веќе не живее овде.

Автор: професор Звонимир Јанкуловски за НетПрес