Македонскиот дипломатски синдикат: Потребно е ресетирање за да се врати угледот на дипломатијата

Македонскиот дипломатски синдикат решително ги осудува сите оние што со свое дејствие или недејствие го имаат свлечкано угледот на дипломатската професија до најниско ниво. Најновиот скандал поврзан со Ерменија е последен во низата поразителни состојби што последните години му претходеа, се вели во нивното соопштение.

-Со чесни исклучоци, немањето интегритет за укажување на неприфатливоста на определени потези, како и незаконитост во постапувањето, интерни пресметки со неистомисленици и нивно шиканирање и деградирање кои што ескалираа во времето на преходниот Министер Димитров и неговите најблиски соработници, за жал сега го земаат данокот и директно ја туркаат македонската дипломатија во амбисот на непрофесионализмот, клиентелизмот и неквалитетот. Како поинаку да се нарече истиснувањето на квалитетните кадри на маргините на МНР и кадровско форсирање по сосема други критериуми него што е стручноста, него како злоупотреба на овластувањата и партиско одработување, велат од МДС.

Посочуваат дека потребно е големо ресетирање за да се врати угледот на дипломатијата.

-Најпрвин треба целосно да се расчисти најголемиот скандал во историјата на македонската дипломатија, а потоа и да се симне стигмата од дипломатската професија. Не се сите дипломати криминалци, напротив. Огромното мнозинство се чесни луѓе кои ги имаат инвестирано своите животи во оваа благородна професија и не е прифатливо бланко фрлање на вина. Само искрен и чесен пристап во расветлувањето на скандалот ќе даде резултат. Македонскиот дипломатски синдикат секогаш, па така и сега, нагласува дека стои на располагање за помош во решавањето на сите тековни прашања во куќата, се наведува во соопштението.