Македонскиот филм „Медена земја“ победи на „Санденс“

Филмот ја доби големата награда на жирито за најдобар документарен филм, а на снимателите им беше врачена наградaта за најдобра кинематографија.

Македонскиот филм „Медена земја“ победи во конкуренција за документарци од целиот свет на американскиот фестивал „Санденс“.
Филмот е во режија на Љубо Стефанов и Тамара Котевска, а на премиерата на „Санденс“ присуствуваа и продуцентот и монтажер на филмот, Атанас Георгиев и снимателите Фејми Даут и Самир Љума.

Во категоријата во која е Медена земја имаше уште 11 други документарни филмови од целиот свет. Филмот ја доби големата награда на жирито за најдобар документарен филм, а на снимателите им беше врачена наградaта за најдобра кинематографија.

Документарецот го доби и специјалното признание од жирито за влијание за промена. Премиерата на Медена земја беше на 28 јануари на фестивалот кој се одржува во Јута, САД, а беше проследена со долги аплаузи,овации и позитивни критики.

„Што друго да се каже? Нашата мала земја е навистина желна да ја испрати оваа порака до Владата: Ве молиме да го исчистите воздухот на најзагадената земја во светот“, рече продуцентот Атанас Георгиев при примањето на Главната награда од жирито на затворањето на фестивалот изутринава во Парк Сити, Јута.

„Медена земја“ („Honeyland“) раскажува приказна за Атиџе, последната жена-одгледувач на диви пчели во Европа, која живее сама со својата мајка во централна Македонија. Главна идеја на филмот е да се прикаже припадноста на човекот кон природата и нарушување на природната рамнотежа преку судир на два различни начина на искористување на Земјините ресурси.