Македонскиот кајакар Љубомир Спасиќ пред историски пласман во Европските купови

Викендов Љубомир Спасиќ го освои деветото место на Европскиот куп во Италија. Со овој пласман најдобриот македонски кајакар остана прв во генералниот пласман на Европската ранг-листа.

Спасиќ претходно во квалификациската трка стигна до 5. место на тој начин изборувајќи се за директен пласман во финалето. Во финалето настапија 15 натпреварувачи, меѓу кои македонскиот кајакар на крајот стигна на 9. место по серијата мали грешки во првиот дел од патеката кои за жал го оддалечија од освојување на медал.

Со овие настапи на Европските купови, Спасиќ испиша нова историја во македонскиот кајак на диви води во спуст, и како единствен натпреварувач кој успеал да се пласира на четири финални натпревари и притоа се задржил на самиот врв на ранг – листата. Само теоретски може да се случи од првопласиран да падне едно скалило подолу, односно на второ место. Во моментов во генералниот пласман има 333 бода, односно 33 повеќе од Словенецот Нејц Жнидарчич, додека на третото место е Душан Мачкиќ од Босна и Херцеговина со 248 бода.

„Со овие мои настапи на Европските купови испишана е нова историја во македонскиот кајак на диви води во спуст, и како единствен натпреварувач кој успеал да се пласира на четири финални натпревари и го задржи самиот врв на ранг листата со што само теоретски може да се случи од првопласиран на ранг листата да паднам место подолу“, вели Спасиќ.

Клучна трка за македонскиот кајакар е финалето од Европските купови во Чешка, кое ќе се одржи на 18 август, каде што ќе го брани првото место во генералниот пласман.

Тој се надева дека златниот медал ќе заврши кај него.