Македонскиот политички куклен театар

„Ве замолувам, ќе ме задолжите, моите насоки се да воспоставиме добра соработка, ме подготвуваат и повисоките надвор од Македонија…“

Овие пикантни детали од стари СМС пораки на Зоран Заев, лидерот на СДСМ ги објави Мендух Тачи, лидерот на ДПА во 2014 година.

Викиликс пак објави строго доверливи дипломатски преписки дека министерот за надворешни работи, Никола Димитров два пати бил заштитен извор на американската амбасада во 2008, кој го информирал тогашниот американски амбасадор Филип Рикер за несогласувањата помеѓу Груевски и Црвенковски во врска со предлогот на Нимиц за спорот со името. Информант од овој калибар кој  е во внатрешниот круг на лидершипот е вредносен асет за секој сериозен центар на моќ. Особено американскиот.

Токму овие двајцата се клучните фигури во процесот на промена на името на државата и договорот за добрососедство со Бугарија. Првиот како Премиер, вториот како Министер за надворешни работи. Колку работите да бидат појасни.

Куклите марионети во политиката излегуваат во време на политичка криза во многу маски: присвојувани од сите страни на политичкиот спектар. Тие се користат како инструменти во рацете на различни центри на моќ, со цел да остварат одредени туѓи интeреси, што вообичаено не се поклопуваат со националните интереси на државата. Како во македонскиот случај.

Марионетското раководство во демократско, или квази демократско опкружување повлекува два основни елементи: оние што ги влечат конците, т.е. моќна држава или групи на држави, или глобално влијателни поединци кои сакаат да ги контролираат дејствата и одлуките на политичари на одредена лидерска позиција, без да се биде видлив нивниот ангажман во процесот на креирање на таквите одлуки.

Фалични човечки суштества способни за груби прикази на ароганција, завист, гордост, злоба и алчност се посакуваниот профил на политичките марионети. Тие своите човечки недостатоци ги  препокриваат со авторитет над другите, правејќи ги лесно манипулативни и спремни да ја злоупотребат моќта секогаш кога тоа ќе биде побарано од нив. Како во случајот со референдумот за промена на името.

Архитектите на сегашниот политички дискурс, кои и да се, очајно им требаше ново јавно лице и одредена политички креирана нестабилност за да ја воспостават својата хегемонија во државните работи. Затоа е избран политичар со  компромитиран политички наратив, што ќе ја води следната влада и нов придодаден пакет на политички марионети кои имаат подобра вештина и искуство од него во водењето на контролираната демократија.

На внимателно регрутираната и култивирана нова политичка гарнитура во Македонија и беше понудена безрезервна логистика во рушење на „режимот“ на Груевски. Се беше направено by the book. За оној што разбира. За другите тоа беа хероите на „македонската пролет“.

Како што шпанските конквистадори започнаа политика на брутална колонизација на јужноамериканскиот континент, така и нашите домашни конквистадори го почнаа процесот на обезличување на Македонија. Одвнатре. Со бришење на името на државата се избриша колективната меморија која им даваше на македонците чувство на припадност. Од националната држава, ја претворија Македонија во територија која полека се трансформира во мултиетничка. Станавме нашата држава за внатрешна употреба. Зар има нешто повеќе што можеше да посакаат господарите на нашите политички марионети.

Како што конквистадорите го купувале домородното населени со стакленца, така и нашите сервилни и понизни политички марионети се наградени со внимание, тапшање по рамо, молк за нивната корумпираност и криминал и изопачено политичко владееење и по некоја измислена награда. Или ветувања за награди. Па била и нобелова.

Затоа бившиот Премиер и Министер за надворешни работи се човечка верзија на нелеплива тава за пржење. Сите политички, коруптиви и криминални скандали просто се лизгаат од нив, не оставајќи никаква трага. Ваквите политички марионети се имуни на основните закони во јавниот живот. Нив, нивните лаги и глупости ништо не може да ги допре. Се додека функционира чадорот.

А ние? Ние продолжуваме да го гледаме македонското куклено политичко шоу. Во македонскиот политички куклен театар има се помалку гледачи. Останаа само најупорните. А и тие престанаа да веруваат во лажната надеж за нормална иднина. Што беше и наративот на шоуто.

Еден изгледавме во Грузија со Сакашвили. Видовме како заврши. Како ќе заврши нашиот допрва ќе гледаме.

Автор: професор Звонимир Јанкуловски за НетПрес

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.